Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа:
-Да претпоставиме вакво сценарио: референдумот блескаво да успее (знаеме, знаеме, дефиницијата на „блескавоста“ ќе биде отворена за различни интерпретации), а во Собранието да не се собере мнозинство од 81 пратеник кои би гласале за промена на Уставот, согласно Договорот од Преспа.
Тогаш, на еден или на друг начин, доаѓаме до логичен демократски расплет: се распишуваат итни вонредни избори, предвидени со уставните рокови.
За тоа прашање ќе одлучува сегашната коалиција на власт. Плебисцитот од референдумот ќе се пресели во силен налет на изборен гласачки плебисцит по прашање на евро-атлантските интеграции. Таа енергија најверојатно ќе биде предводена од една голема изборна коалиција во која ќе се најдат обединети најголемиот број парламентарни и вонпарламентарни партии, на чело со СДСМ и ДУИ, поддржана од Токио до Осло. Поплава!
А што ќе се случува на „другата“ страна? Мислам дека е тоа едно од најлошите сценарија по ВМРО-ДПМНЕ. Нивната некогашна коалиција е сосема распадната, до непрепознатливост. Самата ДПМНЕ, пак, е поделена по сите вертикални и хоризонтални линии, па е големо прашање – ако ништо друго! – како таму ќе се избегне „граѓанска војна“ макар по една основа: Кој, по итна постапка, ќе ги прави новите кандидатски листи за пратеници за потребите на вака распишаните избори?
Еве, не ве брзам, самите размислете за одговор на ова прашање… Кој ќе одлучува? Мицкоски? Потесното раководство на партијата? Поширокото? Средното? Или Идризово и Шутка? … Кој од сегашниот пратенички состав ќе се најде на тие листи – Антонијо, Трајко, Илче, Стевананџија, Влатче…? Груевски? … Кој, пак, од реформското крило ќе се стекне со добитно изборно бројче? А од преостанатите коалициони микро-партии кој ќе им се придружи со свои губитнички кандидати во ова катастрофално сценарио? …
Има да се сечат вени, сопствени и туѓи. Ви велам, од ваквиот развој на настаните кај вмровците ќе има толку многу „давеници“, што катастрофата со потонувањето на Титаник ќе личи на бура во филџан вода! Таму и сега нема доволно „појаси за спаување“, а има да настане тепачка за преостанатите два-три чамци токму како да е во прашање борба на политички живот или смрт!
Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.