Вчера, Унгарија затвори едно тешко
политичко поглавје.
Не беше тоа тивок крај, туку гласна порака од граѓаните преку референдумско изјаснување дека ниту еден модел на власт не може да опстои кога ќе се оддалечи од интересот на сопственото општество.
Честитки до граѓаните на Унгарија, чија одлука не е само внатрешна политичка промена – таа е сигнал дека Европа повторно станува мерило за политичка, а не само на географска припадност.
И одговорност.
Да бидеме јасни- падот на Виктор Орбан отвора бајаги пошироки теми.
Не се работи само за една политичка фигура која владееше 16 години, туку за систем кој со години се обидуваше да функционира паралелно со Европската Унија – со сопствени правила, сопствени медиумски структури и сопствени центри на влијание.
Пораката од унгарците беше и симболична и политичка.
Граѓаните не зборуваа само преку гласачкото ливче, туку и преку пораки кои јасно го одразуваа расположението: “Ruszkik haza!”, или “Руси, одете си дома!” е скандирање што ја надмина дневната политика и стана јасен израз на геополитичката насока што ја избраа.
Дали тој модел имаше свои огледала и надвор од Будимпешта? Секако!
Затоа и доаѓаме до суштината на политичката порака што се однесува и на Македонија.
Христијан Виктор Мицкоски, или Орбан џуниор, со години гради политичка линија која не е само домашна стратегија, туку дел од поширок регионален образец: политички конзервативизам со силна медиумска инфраструктура, контролирани, иако празни пи-ар наративи и секако, дистанца од европските вредности и принципи.
Во тој контекст, Орбан не му беше само политички и бизнис партнер.
Тој му беше модел.
Но, моделот на неговиот модел се урна токму таму каде што беше најсилен – во сопствената држава, што само по себе носи последици кои не се симболички, туку структурни.
Прво, заврши политичката заштита.
Каде ќе (с)лета сега владиното авионче, кое со авто-пилот самото иташе кон Будимпешта?
Ако знаеме дека секоја регионална мрежа на влијание се одржува само додека има центар што ја држи рамнотежата, тогаш е јасно дека со политичката промена во Будимпешта, таа рамнотежа се нарушува.
Второ, финансиските и медиумските врски меѓу Орбан и неговата западнобалканска копија ќе станат предмет на преиспитување.
Она што досега се претставуваше како економска соработка, неизбежно ќе биде ставено под лупа – и дома и во Европа. На крај, и во Скопје.
Трето, се менува политичкиот контекст во кој се позиционираа локалните актери јужно од Унгарија.
Кога исчезнува „силниот сојузник“, останува само домашната сцена – без геополитичка поддршка и без паралелна легитимација.
И токму затоа, северецот што конечно дувна од Будимпешта не е локален ветер, туку силна регионална промена.
Тој нема да застане на границите на Унгарија. Ќе продолжи да се движи низ политичкиот простор на регионот.
Ќе дувне и во Србија.
Ќе дувне и во Македонија.
Затоа, прашањето повеќе не е дали ќе има промени, туку колку брзо (или споро) тие промени ќе стигнат до сите точки каде што тој модел беше пресликуван.
Но, тоа зависи од самите нас, зарем не?
За Мицкоски , тоа значи нова фаза – без политички штит, без медиумска дистанца и без онаа надворешна рамка која, вака или така, го оправдуваше моделот.
Сега останува само политиката дома, со сета јаловост и двогодишни очајни резултати.
И бездруго, одговорноста пред граѓаните.
А тоа е најтешкиот терен.
П.С.
Мислите дека ја заборавив мојата омилена тама? Нееее, нема шанси.
За барокниот стиропорец со пасош издаден од Орбан, допрва ќе пишувам(е).
Него… уште е во Пешта?
ФБ став на Андреј Жерновски
