Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Ордановски за ЦивилМедиа:
-Убаво му тргна на Груевски на вчерашната прес-конференција. Почна со објаснувања дека пресудите што ги очекува ќе биле политички мотивирани, донесени под притисок на „многу повисока инстанца“, на фактори вон судството. Бидејќи тој е несомнен експерт за темата на политичкиот прогон, со стаж од десетина години на развивање на, за влакно, совршениот партиско-политички судски систем за испорачување на нарачана правда, Груевски детално ни објасни како биле повикувани судиите, притискани, убедувани, еден бил и сменет, а судските рочишта и распоредот на судиите се режирани за да се постигне максимален политички ефект од пресудите што ги очекува.
Ексклузивно, Груевски ја информираше јавноста дека постои и некаков судски АКМИС систем кој да ти бил наштиман, а можеби и целосно злоупотребен, само нему да му се наштети. Цитирам: „Ова е дно на сите дна до кое е доведено политизираното судство во државата“!
Така говореше Груевски. Човекот кој со години инсистира да живее во паралелната реалност на сопствениот култ на личност и наводна тотална неинформираност за тоа што, навистина, се случуваше во Македонија – на пример, кои се тие „сите дна“ во судството? – за време на неговото долго владеење.
Но, велам, добро му тргна, се трудеше (со очигледни потешкотии, додуша) да делува уверливо, информиран за темата за која говори, со детали што треба да упатат на тоа дека податоците му се сигурни, претставувајќи се себе си како иден политички затвореник без никаква вина за која го судат. Маченик за Македонија, возљубен од премудриот врвен политички арбитар, „народот“! Нелсон Мандела од нашиот сокак. Само малку поимотен.
Колумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја ТУКА.