Дискретниот шарм на политичкиот банкрот

Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:

-Има извесна иронија во целата ситуација со оваа наша мачна евро-атлантска интеграција. Иронијата се состои во тоа што најголемите противници – иако има и други, помали – на потребата од промените на Уставот, се закоравените македонски националисти, со црвени комитски обравчиња, оние радикални Големо-Македонци кои се сликаат со „д-р Еткер“ (Македонија-да-е-цела) поздравот со споен палец и показалец и три раздвоени, исправени прсти… А кога само малку би го намалиле звукот на српскиот турбо-фолк во позадината, би можеле и самите да дојдат до еден најздраворазумски заклучок: токму интегрирана во Европската Унија, Македонија станува обединета, буквално Голема, без прикочување ни за печат во пасошите на своите, формални, источни и јужни граници. Со признаен национален идентитет, со јазик, со Македонија во името и со сите други неопходни културно-политички тракатанци, како заштитени кодови, трговски марки, домени… Да не зборувам за пазари, безбедност, странски инвестиции…

Зошто толку очигледни работи толку тешко се гледаат, како да се пати од кокошкино слепило? Зошто нешто мора да се освои (на сила?… НИЕ?!) за да биде „твое“, а кога ти го даваат на тавта (послужавник), како да е тацна со грчко слатко од три убави, зеленки, релативно компактни, смокви-шербетлии, тогаш на тоа се гледа како на резултат на нечие „предавство“? Зошто тој, во својата суштина, „најголемо-македонски“ проект да се блокира со стотици амандмани, со тропања по маси, со пеење химни и со други купи-ден-помини досетки што им стојат на демократско располагање на сите собраниски опозиции во светот?

Тука работата, веројатно, станува лична. Затоа што ним не им текнало порано; што и ако им текнало, немале храброст да го предложат; а ако и имале доволно кураж да помислат го стават на маса, не биле способни да го испреговараат.

Македонија граби кон своето балканско обединување, а националистите од спротивниот тротоар со ужас и неверување гледаат како тој процес, пред нос, ќе им го спроведат социјалдемократите!?!?… Нема правда, нели?

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e