Министерот за правда Игор Филков јавно ги повика сите инволвирани институции и лица во постапката поврзана со поранешниот вицепремиер Артан Груби да дадат детално и транспарентно образложение за донесените одлуки, нагласувајќи дека одговорноста треба да биде јасно утврдена „со име и презиме“.
По оваа изјава, адвокатот Војо Димоски преку објава на социјалните мрежи упати остри критики кон министерот, оценувајќи дека неговите ставови во врска со определувањето на мерката притвор покажуваат, како што наведе, „тотално непознавање на работите“.
„Министерот за правда демонстрира тотално непознавање на работите со барањето да се испита работењето на судијата кој не определил ефективен притвор. Како да определи притвор кога Обвинителството предложило куќен притвор?“, напиша Димоски.
Тој посочува дека прашањето за одговорноста на обвинителот е дискутабилно, особено во контекст на, како што наведува, постоење мислења од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) дека притворот не бил безбеден за Груби.
Според Димоски, одговорноста во конкретниот случај треба да се бара пред сè кај извршната власт, односно институциите МВР и АНБ.
Во својата објава тој упати и лична забелешка кон министерот, додавајќи дека „за поздравување е што фризурата на Министерот за правда е секогаш уредна, ама уште поважно е да си ги среди мислите“.
Случајот со мерките определени за Артан Груби и понатаму предизвикува силни реакции во јавноста, со спротивставени ставови меѓу правни експерти и политички претставници околу улогата и одговорноста на институциите во постапката.
