Се соочуваме, како и целиот свет, со криза од историски пропорции, веројатно најголемата криза од Втората светска војна.
Се бориме со вирус за кој, за жал, човештвото се’ уште не знае доволно.
Овој предизвик од нас бара да го извлечеме најдоброто од себе. Да ја прифатиме реалноста дека она што до вчера беше нормално и едноставно, денес е многу комплицирано. Да ги почитуваме препораките на епидемиолозите и одлуките на Владата втемелени на овие препораки.
За многу од нас тоа значи да се седи дома, да се избегнува излегување, да се нема контакти. Кризата од нас исто така бара да бидеме и човечни и солидарни, да покажеме заедништво. Да бидеме мудри, да бидеме повнимателни кон сограѓаните, особено со јавниот збор.
Покрај мобилизација на сите ресурси во борбата против коронавирусот, за оние од нас кои имаат јавни служби, зборовите должност и служба треба да добијат уште поголема тежина. Сите сме сведоци на пожртвуваната работа на медицинскиот персонал.
Институциите никогаш претходно не се соочиле со ваков предизвик и се наоѓаат на нова територија. Нивно е да даваат се’ од себе, секој ден, секој саат. Ќе има успеси, ќе има и неуспеси. Но, како што вели Черчил, ниту успехот е финален, ниту неуспехот е фатален. Клучна е храброста да се продолжи, со научени лекции.
Човештвото ќе ја победи пандемијата. Но, низ маката ќе излезе поинакво. Секоја криза крие и можност. Оваа голема непогода, пандемијата, е истовремено и можност да се сплотиме и да се очовечиме повеќе. Да пораснеме како народ. Од секој од нас зависи во која мера ќе ја искористиме.
Чувајте се!
ФБ статус на НИкола Димитров