Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Кокаланов за Призма:
-Се раскажува една анегдота за еден познат современ писател и неговото најкратко предавање на темата – пишување. Писателот бил поканет да зборува на семинар за креативно пишување, а тој им ја открил целата тајна на посетителите на семинарот за помалку од една минута.
Дошле, имено, на семинарот и млади и стари, и искусни и помалку искусни, и почетници и веќе објавувани автори, и поранешни премиери и идни затвореници, сите желни и спремни да ги чујат неговите мудрости и совети. Тој тогаш се појавил на бината, ја погледнал публиката и рекол: „Драго ми е што ве гледам во олкав број. Претпоставувам дека сите овде сте дошле поради една иста причина. Па, што чекате? Одете дома, и пишувајте.“
Тоа е целата тајна на станувањето писател – пишувањето. Сите други работи се далеку помалку важни од самиот процес на пишување. Вклучително и локацијата и времето. Некои пишуваат ноќе, некои дење. Некои пишуваат дома, во работната соба, други надвор на отворено, во клупа во паркот, во купе од воз, или трускајќи се во градскиот превоз. Некои сакаат тишина, други бучава. Некои пишуваат со мастило на хартија, некои типкаат на стара машина за пишување, други се гушкаат со тастатурата, новиве генерации писатели веќе се вешти да си ги запишат мислите на тач-скринот од својот таблет.
Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.