Дали сме нација со комплекс?

Пред да одговориме на сите дилеми околу тоа дали сме нација со комплекс ајде прво да видиме што е всушност тоа “комплекс“, да се обидеме малку да го појасниме значењето на овој збор, затоа што сум забележал дека многумина и не го разбираат па го користат кај што ќе стигнат.

Што вели науката? Зборот или терминот “комплекс“ претставува збир на повеќе предмети, појави, настани, кои сочинуваат една целина. Е сега во психолошка смисла ова претставува збир на свесни и потсвесни реакции, поттиснати чувства, нагони, кои доведуваат до невообичаена (ненормална) душевна состојба, пореметувања, кои влијаат на реакциите и однесувањето на поединецот. Ајде сега од овој психолошки аспект на дефиницијата на терминот комплекс да си одговориме искрено и на политичкиот аспект “Дали сме нација со комплекс“?

Ова прашање или теза, јавно од говорницата на Собранието го постави министерот за надворешни работи Никола Димитров. Па наеднаш се слушнаа пискотници од сите страни, демек како тоа богати ние да сме биле нација со комплекс, кој го рече тоа, веднаш да одговара. Но најсмешни ми се оние од екипата на Христијан Мицковски кои побрзаа одговорноста за оваа изјава да ја преточат во некаква интерпелација за министерот со образложение во смисол како се тоа он осудил за нас така да зборува, молим те? Па зар ние најстариот народ во светот да имаме комплекс, е нема да може, дајте интерпелација за најлошиот министер до сега кој ја срамел Македонија. Можеле нешто и покреативно да смислат ама ќе кажеме нешто и за ова.
Веднаш да кажам дека во потполност се согласувам со изјавата на министерот за надворешни работи дека македонската нација е нација со комплекс, всушност со многу комплекси, и за ова не треба на никого да му се извинува министерот туку треба уште еднаш да им го плесне во лице тоа од говорницата при својата одбрана затоа што тоа не е навреда туку вистина. Но зошто е тоа така и зошто се согласувам со министерот ќе се обидам и да објаснам.
Да бидам искрен никогаш не ми било јасно зошто е тоа лошо или неприфатливо кога ќе Ви кажат дека сте млада нација. Па сега сте млада нација но за сто години нема веќе да бидете, тоа е процес, сите го поминале тоа, што има тука страшно, битно е да бидете признаени од меѓународната заедница, да го развивате својот идентитет и своите обележја, својата култура и посебност.

За да бидете нација-држава во модерна смисла, треба секако да имате и своја територија, население, јазик и суверена власт на својата територија. Ова е дефиницијата за нација во модерна смисла која постоење на нација го врзува со овие елементи за државност кои ги набројав. Во комунизмот-социјализмот, постоеше различна дефиниција за нацијата која беше општо прифатена во науката и тие ја врзуваа нацијата односно нејзиното создавање како специфична народна заедница настаната врз база на општествена поделба на трудот, секако во епохата на капитализмот.
Е сега кога македонската нација ги има сите атрибути и елементи на нација во вистинска смисла на зборот, не ми е јасно зошто имаме потреба да докажуваме и расправаме кои сме биле пред илјадници години, кој бил Александар Македонски, кој бил Цар Самоил кога немаме силни аргументи на наша страна и овој наш обид добива една смешна гримаса во очите на целиот свет. Не, сигурно не биле македонци овие кои ги набројав, кај имало нации во тој период. Тој историски комплекс кој го имавме како мала и млада нација, минатата политичка гарнитура се обиде да го излечи на сосема погрешен начин. Знаете многу убаво звучат сите тие приказни кога на еден мал народ ќе му раскажувате дека е наследник на некои големи историски личности, војсководци, императори, сетоа тоа убаво звучи но тоа ништо не ви вреди сега, особено кога немате во рака никаков научен аргумент за тоа што го тврдите. Античката приказна беше убава за слушање но на македонците им направи многу штета.
Ајде сега вака. Кога изградивме и направивме своја нација со сите нишани, иако млада ама не е воопшто битно од кога, зошто еднаш засекогаш не престанеме да ги лажеме и манипулираме луѓето и не гледаме во иднината туку само во историјата и во минатото. Не, не е точно дека така стануваме нација без корен како што вика некој, тој термин нација без корен е измислен и не постои, па зар впрочем постои нација со корен ви се молам. Секоја нација се создава во еден даден историски момент, потоа зрее, се развива, го јакне својот идентитет итн. Исто така не постои ниту вештачка нација, ниту природна нација, секоја нација на одреден начин е вештачка и природна. Не постои поголема неправда и срам за еден народ да не си ја познава сопствената историјата, па да бара некои други корени таму ваму, ете тоа е сериозен комплекс. До кога ќе се расправаме со соседите околу нашата заедничка историја, па што ако имаме заедничка историја, срамота ли е тоа да го признаеме, до кога ќе ги лажеме луѓето. Ние денес ќе им кажуваме на основачите на македонската револуционерна организација како и на многу други наши револуционери што биле и како се чувствувале пред повеќе од 100 години, ма ајде ве молам. Демек тие не знаеле тогаш, ама ние сега знаеме тоа што они не го знаеле. Ако се декларирале и се чувствувале по националност како Бугари повеќето од нив, што можеме ние сега да направиме, треба ли да продолжиме да се натегаме за тоа со Република Бугарија, кои аргументи ги имаме кога во тоа време не постоела засебна македонска национална свест која се развила подоцна. Треба ли да се натегаме и за АСНОМ, и за АВНОЈ и за 29 Ноември дали треба да биде се уште наш голем празник, и за Ј.Б. Тито и неговата улога околу македонското прашање и за што ли уште не.
Но ние сега сме Македонци, нација со сите атрибути, со наш јазик и идентитет, тоа никој не го оспорува, па дури и Република Грција го признава тоа во Преспанскиот договор. Да ве прашам, што е за тоа виновна нашата генерација, за овој историски пинг- понг, околу тоа кој бил бугарин, грк, македонец, па да биде попречувана и да ги плаќа сметките за својата иднина и подобар живот. Дај да престанеме веќе со таа историја. Убеден сум дека ќе седнат историчарите и научниците од сите страни и ќе најдат некое оптимално решение и одговори околу овие прашања и дилеми, одговори кои нема да бидат навредливи за никого но ќе бидат блиску до фактите и аргументите. Дај да престанеме навистина да бидеме нација со комплекс. Но за жал не е само во прашање овој историски комплекс. Имаме ние и други комплекси. Причина за тоа е секако и нашето образование, култура и многу други работи. Се уште сме нација што многу малку учи, малку чита, малку се занимава со наука и како сакате да немате комплекс кога се чувствувате инфериорни во знаење. На тоа треба сериозно да работиме.
Токму затоа мислам дека онаа најавена смешна интерпелација за министерот Никола Димитров не е ништо друго освен отсуство на било каква идеја за политичка артикулација и внимание, она кога протестите веќе пропаѓаат, се помалку луѓе ви доаѓаат, ви се дели партијата, ви бегаат пратениците, Ви остануваат само неаргументирани и смешни интерпелации, секако и бојкот. Да, почитувани бојкот на претседателските избори. Веќе има сериозни информации од таборот на Мицковски дека проценката од дебакл на претседателските избори е за нив доста извесна и секако би се обиделе и да ги бојкотираат претседателските избори по моделот на референдумот од 30 септември. Абе нека бојкотираат, ќе поминат исто како после референдумот кога им се распадна пратеничката група, само сега ако бојкотираат уште полошо ќе поминат, вмровците сами ќе ги избркаат овие од раководството ако донесат таква одлука за бојкот, едвај чекаат. Ама ќе видиме што ќе се случува таму.
На крајот не можам а да не искоментирам и нешто околу Законот за амнестија. Да точно е, многу малку луѓе ќе се согласат и ќе го прифатат донесувањето на ваков закон, особено граѓаните како и луѓето од правната фела ќе негодуваат и ќе бидат погодени од ова. Тешка работа е ова. Се согласувам дека требаше се да се одвива по некој логичен ред, прво да се завршеше со судскиот процес за 27 април, да се утврдеше кој за што е одговорен па потоа да се донесе ваков закон.
Но едно почитувани немој да заборавате. Оваа влада, оваа владејачка коалиција, како и овој премиер, се наоѓаат пред една голема уцена, да проголтаат една голема жаба и да овозможат напредок и иднина на својата земја или да не ја проголтаат таа жаба и да остават се да оди по ѓаволите, тоа треба да одлучи оваа влада. Тоа што го одлучи мислам дека е во овој момент единствено исправно. Ете затоа треба да се има политичка зрелост и да се даде поддршка а не секој да се прави паметен на свој начин.
Токму затоа велам, овој момент е сепак важен и историски за сите нас, дали ќе не биде или не, но се повеќе ми се чини дека ќе не биде и тоа како.
Не чека многу важна 2019 година и се надевам многу успешна за сите нас, за целата наша нација.

м-р Глигор Стоименов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e