Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа:
-Сега е и официјално: почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ е во бегство, со распишана полициска потерница по него. Вчерашниот ден помина во неизвесност и исчекување, засилени со разбирливата драма што ја креираат и македонските медиуми.
Не се случува баш секој ден еден бивш премиер да ѝ побегне „пред носот“ на правдата, и тоа не кој било бивш премиер, туку оној од чија волја и расположение десетина години речиси да ни зависеше на која нога станувавме наутро и со која мисла си легнувавме навечер… Идеализиран од половина држава и омразен кај другата половина, со растечки тренд на емоции и во двата такви табори, неговиот „низок пад“ после многу долгото и интензивно „високо летање“ е драматична вест за сите, особено во првите 24 часа по нејзиното објвување.
Не паметам дека некој бивш претседател или премиер на европска земја успеал, буквално, на нозе, да побегне од правдата. Дури и во најколоритните земји од Европа, како во една Италија, на пример, каде половина од повоените премиери – од Џулио Андреоти, преку Бетино Кракси, до Берлускони и којзнае уште колку – биле уредно вмешани во поголеми и помали скандали со најразлични мафијашки позадини, од корупции до ликвидации, највисоките политичари правдата ја дочекувале во некаква извршна форма, макар и после долги години надмудрувања со правната држава. Нам ни е најсвеж примерот со Иво Санадер, кого го ловеа по австриските авто-патишта за да го испорачаат назад во Хрватска на заслужено соочување со тамошниот правен систем, сличен на нашиот, пред нивното влегување во Европската Унија. Па на крајот го уловија, со сообраќајна полиција.
Колумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја ТУКА.