Посетата на значајни претставници од меѓународната заедница не e ни најмалку случајна или поради некаква партиска или лична агенда. Се знае дека ако референдумот евентуално пропадне, тоа е веќе голем предизвик на мирот, не само тука внатре, туку во целиот регион, вели за Фактор професорот Мерсел Биљали.
„Знаете, Македонија практично е мала иницијална каписла за една голема регионална детонација. Таа може да ги урива и темелите на цела Европа. Оти проблемот е тука како спирала. Веднаш ќе се активизираат милитантнинте фанатици во Босна, Косово, Србија и Црна Гора“ додава професорот коментирајќи ја претстојната посета на германската канцеларка Ангела Меркел која доаѓа во Скопје во пресрет на референдумот.
Во земјава од синоќа е генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, во петок доаѓа австрискиот канцелар Себастијан Курц.
„Мислам дека сите актери внатре мора да сфатат дека ова не е само референдум дали ќе влеземе во НАТО или ЕУ, туку дали ќе гориме во оганот или ќе се спасиме. Јас очекувам дека тоа ќе биде разбрано, освен кај едни научници со мисија на доктор Живаго“, посочува Биљали кој коментирајќи каква порака ќе пренесат децидно посочува дека без дипломатски ракави ќе го кажат тоа што тука е изнесено, оти кај нас одамна е јасно дека дипломатски вокабулар свесно не се сака да се разбере.