Почитувани, нема веќе Победа за Македонија или Ти си Македонија, сега ќе биде актуелен слоганот Бегство за Македонија. Сите они, се што прават, прават само за Македонија. Тоа што краделе, не лажеле, не манипулирале, сето тоа го правеле за Македонија, па и тоа што избегале се е тоа за Македонија, ма како не бе, така е.
Знам дека многумина од Вас се гневни, налутени и разочарани од тоа што Никола Груевски ја здувна и некако остана чувство на незадоволена правда кај многу луѓе. Апсолутно ги разбирам сите реакции во јавноста, по медиумите, на социјалните мрежи, ама факт е сепак дека многу работи и не се баш така лоши за сите нас по овој настан.
Е сега ако мислите дека овој текст ќе го посветам на Никола Груевски и неговото бегство за Македонија нели, за Македонската кауза како што вели тој, тоа нема да го направам. Добро, ќе кажам нешто што мислам околу ова прашање што ја окупира нашата јавност, но мислам дека не треба сите масовно да се оптоваруваме со неговото бегство, да развиваме креативни теории на заговор, каде, со кого и како избегал, кој му помогнал, па дали го пуштиле, дали се ова е договорено итн. Не е баш се така како што изгледа.
За Никола Груевски сум напишал многу уште од 2014, кога таму се плашеа и името да му го спомнат како што вели Катица Јанева. Сега точно е, има многу јунаци кои не се плашат повеќе од него, ама тогаш немаше. Меѓу другото напишав дека треба да си замине и да си даде оставка, дека не е никаков патриот и дека ја доведе државата во ќорсокак по сите основи. Денес, после две три години битка со оние лажни патриоти по улиците, по социјалните мрежи кои слепо го бранеа, глорифицираа дека е голем јунак, кои напаѓаа и навредуваа, можам да им кажам сега нека се сликаат за на табло, заедно со него. Кај ви е лидерот? Ви кидна бе шутраци едни. Па нели бил спремен да лежи за Македонија, да се жртвува само за народот, како не бе, така е. Големиот лидер ги остави сите оние обвинети негови соработници кои трчаа за него и си избега, а они нека му мислат сега. Затоа ми е задоволство сега кога паднаа маските и многумина ќе разберат и ќе се уверат кој бил всушност Никола Груевски. Ништо повеќе нема што да кажам. Не ми е предизвик да му се јуначам сега кога е никој и ништо, само еден обичен бегалец, осудено лице, потенцијален богат азилант и ништо повеќе.
Како понатаму?
Знам дека многу луѓе сега вината и одговорноста за ова бегство на Груевски ќе ја бараат во државата, пред се во институциите, во судот, во владата и сите останати органи задолжени за спроведување на правото и правдата. Па слушнавме дека виновна била владата, премиерот, министерот абе цела влада била виновна што Груевски избегал. Но ајде да бидеме реални. Во секоја држава, па и во најразвиените се случувало вакви работи и ќе се случуваат. Оние луѓе кои биле на моќни позиции во државата и создале голем финансиски капитал сигурно дека се спремни да направат се за да го избегнат лицето на правдата. Точно е дека почитувањето на сите правни процедури околу овој случај биле запазени и тоа е во ред, па ние сме демократска држава. Но исто така точно е и дека тие процедури имаат свои недостатоци кои треба да се отстранат и кои оставаат и во иднина можност ова да се повтори. Но тоа е работа на институциите, на законодавството и на државата. Апсолутно не може ниту владата ниту министерот да бидат одговорни до колку ги спроведуваат процедурите и правилата, но за јавноста тие во секој случај како и да земеш ќе бидат виновни. До колку не ги спроведуваа доследно законските прописи ќе врескаше опозицијата и другиот дел од јавноста дека нема демократија, дека е ова диктаура, но доколку се држеа строго до правилата како што впрочем го направија тоа, оној друг дел од јавноста ќе вика дека не ги бива, дека се неспособни итн. Но апсолутно не ја гледам никаде вината овде во министерот за внатрешни работи или премиерот, значи треба да промениме некои правила на игра, тоа е тоа.
Мислам дека грешиме ако продолжиме масовно и хистерично да се занимаваме со овој настан. Треба да ги оставиме институциите да ја завршат својата работа околу утврдување на одговорноста како се случило сето ова. Тој за кого што ќе се утврди дека е одговорен нека ја понесе вината. Министерството за правда треба да ја продолжи интензивно процедурата околу екстрадицијата и верувајте дека нема да и биде така лесно на Унгарија да го издржи меѓународниот притисок околу овој настан. Република Македонија сега има многу поголем авторитет како држава во меѓународни рамки и тоа треба да се искористи, не може некој да бара политички азил туку така од земја членка на НАТО и аспирант за членство во ЕУ, тие работи не идат така. Апсолутно нема да имаме никаква штета на меѓународен план после овој настан, напротив ќе добиеме поддршка од ЕУ, а притисокот ќе биде насочен кон Унгарската страна. Треба да има разрешувања од страна на Собранието на онаа партиска Комисија за дискриминација, поради злоупотреба на службена положба, иако имаат се уште мандат, но имаат и одговорност, не може да работат по нарачка. Затоа да ги оставиме институциите да работат, па на крајот на краиштата што ако избегал Никола Груевски бе, сега ќе припаѓаме сите, еден ден ќе го вратат, кај ќе оди.
Но ајде да бидеме сите заедно искрени пред себе.
Пред само две години, дали ќе верувавте некој да Ви зборуваше дека овие луѓе ќе бидат донесени пред лицето на правдата и ќе се соочат со македонските правосудни органи. Немаше да верувате сигурно. Денес Никола Груевски, оној истиот од кого се плашевте десетина години, не е ништо друго него е осудено лице, избеглица, потенцијален азилант. Не затоа што е ова политички прогон, туку затоа што ги прекршил законите и направил серија кривични дела. Денес, најбогатиот Македонец, затоа што постои основано сомневање дека не работел законски се наоѓа во притвор заедно со уште петмина други тајкуни. Нема веќе недопирливи пред лицето на македонската правда. Па ова малку ли е? Ова неспособност ли е? За жал во периодот што следи со отворањето на преговорите со ЕУ уште многумина од бизнисот и политиката кои се огрешиле од законот ќе застанат пред македонските судови, ќе бидеме сите сведоци во наредните години. Ќе има масовно чистење на македонското општество, секако отпорот ќе биде голем ама ќе успееме. Денес, исто така пред лицето на правдата се наоѓаат многу поранешни функционери кои беа недопирливи во изминатата деценија, затоа што го прекршиле законот, нема повеќе недопирливи да има, од која сака политичка партија нека се. Кој сака нека кажува дали некој е неспособен или не, ама ова се факти.
Денес, ние сме земја со покана за членство во НАТО, успешно ги привршуваме постапките околу уставните амандмани и здравје ќе ги завршиме најдоцна до почетокот на наредната година, потоа работата и обврските ќе бидат на Република Грција да го ратификува договорот. Тешка е борбата една растурена држава да ја доведете во ред за кратко време, да ја ставите на прав колосек, да ја промените свеста и политичката култура на функционерите, тешко е. Денес секој функционер не може со службена картичка да гнете по ресторани кај стигне и да пазари од Веро и имаме рекордно ниски средства потрошени за овие работи во споредба со претходните. Ама тоа не е неспособност. Полека, чекор по чекор мислам дека коцките се сложуваат во правилна насока и треба да се има трпение затоа што голем е отпорот да не биде вака, некој сака да се вратиме како што било порано. Пред нас е новиот буџет за 2019 година каде што се предвидени покачувања на платите во сите сектори, здравство, образование, администрација и тоа се добри вести дека економијата полека закрепнува и има услови за зголемување на платите. Ова секако не е неспособност.
Затоа почитувани да се свртиме кон иднината, оставете го Никола Груевски на институциите, не се нервирајте и не бидете гневни, еден ден се ова ќе заврши добро по сите нас. Верувајте.
м-р Глигор Стоименов