Сега озбилно да одговорам на неозбилните и апсурдни барања на газдите од текстилна бранша.
-Се бара 8,5 часа работа, да не се вклучува пауза во работното време. Се повикуваат на европски закони и дека не се конкурентни.
– Закана со штрајк за неповолните услови за бизнис во државата.
– Да се работат празниците, оти пак, не биле конкурентни
– Го бараат назад нормираниот учинок.
Нема да бидам безобразна, иако реално ситуацијата го налага тоа, ама ајде аргументирано.
– Има конфекции кои работат и над 12 часа дневно, додека да се натоварат нарачките и камионот тргне до крајната дестинација. Секоја сабота е работна во 90 % од конфекциите. Неплатена и неевидентирана, за тоа сведочат илјадници работници. Значи најдовте, па зајдовте од тоа што нема кој да ве контролира и да ве натера на законско работење. Отпаѓа тоа дека работно време е 40 часа неделно. Во Пробиштип има конфекција која што освен секоја сабота имало и “редовна недела”. Ако сакате европски закони, треба и европски плати и плата според саатнина, а не минималец.
– Штрајк! Да, штрајкувајте. Работниците нема да се одлучат на тоа , за жал.
Лажете, блефирате! Не можете да штрајкувате оти шиете лон, оти зависите од странците, од нивните рокови за достава на крајниот производ, во спротивно пенали ќе плаќате. Башка, затоа и постојано екплоатирате, за да однесете порано нарачки и земете бонус. Значи, лажете за штрајк, не смеете. Ама лажете некој друг, можеби ќе ви поверува.
– Празниците да се работат. Легализирање на експлоатацијата која ја практикувате до сега, секој празник работен, ама неевидентиран и неплатен. Нема да се случи, имаме конвенции, закони и странски фактори. Еве и да ставите во закон, нема да мине, ветувам! Ама озбилно ветувам. Во една Црна Гора забранета е работа во недела. Кон тоа треба да се стреми и нашата држава и законодавство во насока на подобрување на ситуацијата со економскосоцијалните права на граѓаните и држава која сака да биде дел од ЕУ.
– Нормираниот учинок го решивме и констатиравме дека е противуставен, тоа заборавете. И сега се работниците под норма, лажете некој друг, ама нема да го има како закон.
Е сега. Изминатите години од доаѓањето на новата власт, се покачи два пати минималната плата. Што е за поздрав.
Но да видиме кој најмногу искористи од тоа. Вие, не драги газди. Како?
– Субвенции за покачување на минималната плата до 12.000 денари.
-Фонд за иновации .
– Субвенции за да се замрзнат придонесите.
– Субвенции за покачување на плата до 18.000 денари.
Ова е само дел.
Вашето писмо до министри од Владата и вашите барања и изјави, ги сметам за недолични, апсурдни и бесмислени.
И знам дека нема да бидат земени во обзир. Не се од Марс паднати ни тие. Знаат за вашето незаконско работење и сурова експлоатација.
Моите барања се реални.
Барам синдикат во секоја фирма. Барам да се забрани работа во недела и празници. Барам воведување на саатнина. Барам воведување на регистер каде работниците ќе си проверуваат стаж и договори. Барам договори на неопределено после 6 месеци работа кај работодавач. Барам УЈП и другите институции да внимаваат на исплатите на плати, враќање на плата , К15 и да видиме некој аир од нив бидејќи се платени од наш џеб. Отприлика вака.
И потекло на имот, секако.
Следниот пат кога кукате по телевизии и во Влада дека немате работници и треба увоз, сетете се дека вие сами работете на вашиот лош углед.
Од мене толку.
ФБ статус на Кристина Ампева