Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Катерина Блажевска за Призма:
-Конечно дознавме што бил врвен национален интерес. Не било тоа спас на земјата од името Република Северна Македонија, туку отпор кон северното и другите крила на кој било домашен затвор. Ни достоинството што го барале за тоа „мало парче земја“, не било синоним за мајка Македонија, туку за спас од парчето земја со димензии два на два, наречено затворска ќелија. Така што, кога велат „Никогаш Северна“, веројатно мислат на северната затворска „трибина“, таму каде што испратија илјадници граѓани во измината деценија, врз база на одмазднички акти против разни опоненти.
А ниедна од тие нивни жртви не упадна во Парламентот, не тепаше, не кршеше, не вршеше насилство, не се обидуваше да убие пратеници… Луѓето во изминатите десет години беа пикирани и осудувани по нарачка, во политички монтирани процеси, операционализирани преку судското тефтерче на Гордана и преку опсесијата на нејзиниот шеф за „последна пресметка со неистомислениците“, по која државата ќе биде под целосна партиска окупација, или како што ЕУ ја нарече – „заробена држава“.
Откако таа приказна заврши на 27 април 2017 година, а годинава почнаа да паѓаат првите пресуди, сега бараат амнестија. Не очекуваа дека офанзивата на Заев ќе стигне до портите на ЕУ и НАТО. Ги уверуваа сите дека кај и да е ќе падне, ќе го срушат, ќе го пратат во северното крило… Сега кога Македонија е сѐ поблиску до јужното крило (на НАТО), паниката доживува кулминација. Мицкоски и официјално престана да се прикажува како реформатор, и секој ден се потврдува како афирматор на сѐ што било ВМРО-ДПМНЕ претходно.
Иако во старт тој немаше голем маневарски простор за политичка игра, не го искористи ни тоа што го имаше. Дозволи рацете да му останат врзани од неговиот претходник. Не поради тоа што не може да ги плати огромните месечни сметки за онаа стрвна палата зината како ламја, туку затоа што не може да ги плати каматите од тешките политички хипотеки што му ги остави Груевски. И кога сите имаа делумно разбирање зошто човекот води политика „ни таму, ни ваму“, оставајќи му време да ја најде линијата на која ќе обележи јасен континуитет на доброто и дисконтинуитет на лошото, Мицкоски вчера докажа дека воопшто не правел такви напори, туку само продавал лажна перцепција.
Колумната на Блажевска за Призма во целост прочитајте ја ТУКА.