>Каква е ова хистерија околу амнестијата?! Зошто луѓето ја оставија прекрасната тема за пием честичките и поемата “Црнила” од најголемиот македонски поет на 21 век, дадаистот Христијан Мицковски, и се фатија со делумната амнестија како знак за дефинитивен пораз на правната држава и, безмалку, на самата идеја за Македонија.
За жал, изборот на една крајно неконсолидирана држава и демократија, каква што е Македонија, не е меѓу селективната и правно проблематична амнестија, туку меѓу амнестијата и државата.
Дали тоа значи дека со политичка корупција се купува конституцијата на државата?
Да!
Таков е истирискиот момент.
Треба ли да се убиеме поради тоа!?
Не!
Тереза Меј би нашла начин да купи некаков британски Бајрам за да и помине Брегзитот, но таму таков нема.
Ние не го сакаме Амди ама никој не кажува како без него да се формира парламентарно мнозинство.
Амнестијата не ја загрозува правната држава во Македонија, затоа што неа ја нема или ја има испорешетана со политички гелери и шрапнели, обратно, амнестијата е важен момент во битката за правната држава и за државата како таква. Се разбира, со сите проблеми и слабости за кои сме свесни.
Се надевам.
Ако инспираторите, организаторите и директните крвници завршат в затвор, тоа ќе биде задоволителна компензација. Ако сите бидат осудени. Ако некои од нив, кои тврдеа дека не сакаат амнестија туку правда, останат на тоа становиште и кога ќе го чујат последниот збор на Кацарска.
Како Македонија ќе го трансферира овој случај во морална победа, а не во правен пораз и како ќе обезбеди тој да не се претвори во катастрофален преседан, е важно прашање на кое допрва ќе треба да одговараат и надлежните и целото општество.
Мораме да градиме попрефинето чувство за деликатностите што ни ги наметнува животот. Правдата го обезбедува општествениот контекст, но и општествениот контекст ја обезбедува правдата. Ние сме со оштетена правда и раскурцано општество. Ние се создаваме, односно се обидуваме да се создадеме после апокалипсата викана вмро-дпмне. Не е добро во вакви услови да извлекуваме заклучоци од идеалните проекции на модели. Кон нив треба да се стремиме. Таа борба ќе биде долга, дури мислам дека ќе биде и бескрајна.
Бранко Тричковски