Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:
-Во викенд-интервјуто на Радио Слободна Европа на македонски јазик, на прашање на колешката Фросина Димеска за тоа дали мисли дека ќе има проблем во обезбедувањето на двотретинско собраниско мнозинство за промена на Уставот, Али Ахмети одговара вака:
„Сега, да ја кажам вистината. Како да имам еден немир, затоа што ова е еден многу важен процес, се плашам да не се повреди од невниманијата на институциите, да не се создаде јавното мнение дека ова е еден процес кој веќе е затворен и дека е завршен. Овој процес сè уште е во развој и треба сите државни институции, законодавни институции, институциите кои ги спроведуваат законите, да бидат внимателни, да го чуваат од некоја надворешна инфламација, затоа што лесно може да се загрози имунитетот на овој процес.“
Молам за пауза… Прочитајте го уште еднаш овој одговор на Ахмети… Прочитавте?
Добро: Има ли некој кој разбира што сака да каже Али Ахмети?
Тотална конфузија. На прв поглед.
Вистината – која посакал да ја каже Ахмети уште на стартот од одговорот – е еден од најкомплексните општествени феномени во секоја култура на која било заедница. Такви се, на пример, и концептите на слободата или оној на правдата, бидејќи тие, како и вистината, не зависат од фактите – за фактите, имено, мораат сите да се согласат, пред да влезат во расправа за вистината – туку од контекстот во кој се интерпретираат фактите. Културата е процес на „колективно програмирање на умот“ (Хофштеде), како софтвер низ кој поминуваат фактите, за да се „произведе“ своевидна вистина.
За полесно да ме сфатите, еве еден класичен пример: ако сите се согласиме за фактите – дека човек врзал десет килограми експлозив на себе и, точно на пладне, се разнел убивајќи уште десетици други луѓе – како тој човек во интерпретацијата на вистината од едни е прогласен за херој и маченик, а од други за терорист и злотвор, без да има спорење околу фактите?
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.