Ах, Европо, крава ли си за молзење, ил Медуза главата да ти ја отсечеме?

Во целата рашомонијада од разновидни сериозни последици врз Македонија и врз регионалното евро-проширување предизвикани од унилатералното (и незаборавно!) бугарско вето за наше блокирање на преговорите со ЕУ, македонската јавност, со право, нема ни време, а ни интерес, да се занимава со другите комплексности на „преплетот на црева“ во кој е заглавена Европската Унија.

На пример, ако не се случи некое, во најпоследен момент, преговарачко чудо, Велика Британија излегува од ЕУ без меѓусебен договор за уредување на нивните односи по мачната бракоразводна парница. Компликациите од таквата разделба – економски, транспортни, трговски, социјални итн., до безбедносни – ќе бидат со гаргантуални (!) размери на сите страни, иако „стапот“ најтврдо ќе се искрши врз британскиот грб.

Тоа им е јасно на сите во Брисел, како и на брегзит-генијалците во Лондон. Па, сепак, договор за разделба не успеаја да постигнат.

Натаму, драмолетката со усвојувањето на новиот европски буџет, во која пост-комунистичките Полска и Унгарија просто одбиваат да го усвојат елементарниот принцип за владеење на правото како услов за добивање десетици гратис милијарди евра во наредните години од џеповите на, главно, германските даночни обврзници, е приказна која, кога седите во европската паланка Скопје, се чини тотално суреална: па, нели токму владеењето на правото е суштината на сите суштински реформски суштини што ние треба(ше) да ги спроведеме за да (не) влеземе во ЕУ?!?! Како, сега, побогу, да ги спроведеме сите европски „шпаги“ за владеењето на правото, коешто требаше да е клучот за европските демократски стандарди што ја отвораат европската интеграциска брава – кога гледаме дека наместо клуч, во Европа уште користат калауз?!

И сето ова во услови на таква жестока фаза на ковид-пандемијата, кога во сите членки на ЕУ не знаат колку луѓе ќе им преживеат за воопшто да почнат да се вакцинираат идната пролет.

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e