Алка Вуица, една од најплодните хрватски авторки, има нов сингл со наслов „Не мислим више на тебе“.
Музиката е со потписот на Марија Мирковиќ, некогашната членка на Фрајле која и сама успешно гради соло кариера. Аранжманот, миксот и мастерингот, пак, се дело на Тоше Поп Симонов.
„Песната е направена одамна, уште во осумдесеттите, а ја најдов средувајќи ја својата архива. И’ ја испратив на Марија, која токму тогаш беше во Скопје. Веднаш влегла во студио, ја напишала музиката, а Тоше се понудил да помогне. Сѐ излезе некако спонтано и така е најдобро. Веќе одамна не сум имала балада и оваа песна е баш роматична“, вели Алка и додава:
„Многу ми е мило што Маки ме спои со Тоше, кого неизмерно го ценам, но не сум имала можност да соработувам досега со него. Песната „Не мислим више на тебе“ настана со гитара, прво како текст, а потоа Маки ја направи мелодијата. Тоше со својот аранжман додаде и некои етно елементи и посебна емоција и мислам дека на песната ѝ даде посебна убавина, а повторно во мој сензибилитет. Од македонските автори сум соработувала со Роберт Саздов одамна, голем пријател сум со Влатко Стефановски и Калиопи, а мој другар и соработник веќе со години е и Дарко Димитров со кого сум имала неколку успешни соработки и со кого се надевам дека уште ќе соработувам. Поздрав до сите во Македонија, особено до мојата публика и едвај чекам повторно да дојдам.“