Тејлор Свифт освои 4 награди на доделувањето на Европските музички награди на „MTV“, вклучувајќи и награда за најдобро видео за нејзината 10-минутна песна „All Too Well“.
Во спотот за песната, Свифт црпи инспирација од Холивуд во 70-те години и раскажува приказна за романтична врска која се распаѓа, оставајќи зад себе само тага и сеќавања.
Двојни добитници на награди беа Ники Минаж, која освои награда за најдобра песна и најдобар хип-хоп, како и францускиот диџеј и продуцент Дејвид Гета кој освои награди во категориите „најдобра електроника“ и „најдобра соработка“.
Британската поп ѕвезда Хари Стајлс освои награда во категоријата „најдобра изведба“, а Тајланѓанката Лалиса Лиса Манобан за најдобар К-поп. Јужнокорејскиот бенд „BTS“, глобална к-поп сензација, победи во категоријата „најголеми фанови“.
На доделувањето настапија овогодишните победници на Евросонг, украинскиот бенд „Kalush Orchestra“ кој ја изведе песната „Stefania“ во арената осветлена со сина и жолта боја, украинските национални бои. Фронтменот на бендот, Олех Псиук, пред шоуто изјави дека се надева дека следната година ќе бидат присутни повеќе украински бендови.
Водители на церемонијата беа Рита Ора и филмскиот режисер Таика Ваитити, кои се венчаа оваа година.