Стинг: Сакам вакцинирани посетители на моите концерти!

Британскиот пејач Стинг во своите седумдесетти години се враќа со нов албум полн со надеж, иако признава дека е загрижен за многу работи во ваков свет.

„Мислам дека во моментов сме во многу опасна политичка клима бидејќи членовите на работничката класа мислат дека елитата ги напуштила. Тоа ги направи ранливи на демагози, десничарски глупости, лажговци и продавачи на магла“, изјавил Стинг за АФП.

Либералниот начин на живот на познатата рок-ѕвезда со благ карактер е „на удар“ во последниве години – особено во Британија.

„За мене Брегзит е трагедија. Тажен сум за мојата земја. Знаевме дека тоа ќе биде катастрофа и моравме да го прифатиме, но не сум среќен поради тоа. На младите Британци им е украдена можноста да ја искусат Европа. Тоа е лудост“, рече тој.

Збунет е и од скептицизмот кон вакцинирањето, што го доведува во конфликт со некои други рокери како Ван Морисон и Ерик Клептон кои не сакаат вакцинацијата да биде услов за доаѓање на нивните концерти.

Стинг вели дека „нема јасен аргумент против тоа“.

„Не се двоумев кога требаше да се вакцинирам. Доволно сум возрасен да се сетам на децата со детска парализа во моето соседство, а таа болест беше искоренета преку ноќ со вакцината. Не сакам да ги терам, но би сакал луѓето да доаѓаат вакцинирани на моите концерти. Тоа е моја желба“, вели Стинг.

Неговиот нов албум The Bridge излезе денеска и зборува за тоа како да се излезе од оваа ситуација.

„Сите луѓе за кои пишувам се во транзиција помеѓу односите, меѓу животот и смртта и здравјето и болеста. Сите ние го бараме тој мост за да се преселиме на некое различно и поудобно место. Како ќе стигнеме до другата страна?“

Со 15 соло албуми, 17 Греми и загарантирано место во рок пантеонот како основач на легендарниот бенд The ​​Police, Стинг повеќе нема што да докажува, но траумите од минатото сè уште одекнуваат. Новата песна Loving You изгледа како потсетник на измамата на неговата мајка која го поттикнала да се отуѓи од родителите (Во својата автобиографија, Broken Music призна дека не отишол на погребот на неговите родители).

Но, тоа не го спречило да тргне по истите стапки – тој имал децениска врска со сегашната сопруга пред да се разведе од првата. Сето тоа го инспирирало да почне да пишува песни.

„Отсекогаш избегнував да пишувам љубовни песни на кои пишува „Те сакам и ти ме сакаш“. Тоа е затворен круг. Подобро е приказната да оди „Те сакам, но ти сакаш некој друг“ – тоа е поинтересно сценарио за писател. На моја возраст, човекот доживува цела низа емоции, од најголема радост до целосна тага. Затоа, кога пишувам за љубовта, се чувствувам како да можам да бидам автентичен“, рече тој.

Стинг има шест деца од два брака и повеќето од нив ги следат неговите уметнички стапки. Две деца се актери, двајца музичари, а едно е режисер. Но, најмладиот син сака да биде полицаец, што нема никаква врска со името на бендот на познатиот татко.

„Ни кажува дека сме креативни и дека сака да биде корисен“, изјавил пејачот смеејќи се.

Албумот е снимен за време на карантинот во Европа, со музичари расфрлани на различни локации и Стинг во неговата англиска вила. Тој не мисли дека тоа било многу необично.

“Не е толку многу новост да се снима од далечина. Често тапанарот може да биде во Лос Анџелес, јас можам да бидам во Париз и некој друг во Италија. Имаме технологија за тоа. Поентата е да се претвори таква снимка во интимна ситуација, за да добиеме топла врска што можете да ја слушнете“, вели тој.

Сега Стинг се враќа таму каде што застанал, обидувајќи се да ги надомести сите настапи што ги откажал поради пандемијата.

„Морам да ги исполнам сите мои обврски. Можеби ќе ми требаат 18 месеци да го направам тоа, но тоа е мојот живот. На пат сум од 1976 година“, рече тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e