Пчеларката Атиџе Муратова откако го шармира Холивуд со филмот „Медена земја“, наскоро публиката ќе има можност да ја слушне и како пее свои песни. Ова беше нејзина желба, што таа не ја криеше од јавноста, а дека ѝ се исполни, сведочи статусот на нејзината пријателка Сузана Турунџиева.
Изминатиот период Турунџиева и Атиџе се дружеа на патување во Турција, каде што, како што открија им се случиле многу интересни работи „не случајно“. Иако не било познато дека Атиџе ќе биде гост во хотелот каде што престојувале, на прозорецот имало „пчели“, а и постелнината на Атиџе била со дизајн „пчели“. Додека го пиеле кафето во локален ресторан, „пчелка“ слетала баш во кафето на Атиџе.
„Премногу ЗНАЦИ за да биде случајност! При првото пристигнување во Истанбул, на ролетните на апартманот во кој престојувавме воочивме пчели и саќе, внатре единствено на креветот на Атиџе имаше постелнина со пчели (без никој претходно да биде информиран дека ТАА доаѓа таму), во првата продавница кај што пазарувавме нè пречекаа 2 весели пчелки, а во кафето кое петмина си го нарачавме, однекаде се појави пчелка и се удави баш во на Атиџе филџанот“, раскажа Турунџиева.
Токму таа денеска на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, ја најави промоцијата на албумот „Пола тебе, пола мене“ што ќе се одржи во среда, на 15 декември во „Micasa“.
„Промоција на првиот албум со Атиџе Муратова „Пола тебе пола мене” во најубавиот објект во градот – Micasa, на врвот на скопското Кале. Сите средства од продажба на албумот ќе бидат донирани на Атиџе. Цената на албумот е 500 денари. Добредојдени сте сите во Micasa, во среда на 15.12 во 19 часот каде ексклузивни гости ќе бидат Micasa band“, напиша Турунџиева во својот статус.
Документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска е вистинска приказна за пчеларката Атиџе, освои три награди на Санденс филмскиот фестивал, а филмот е направен снимајќи ја Атиџе во нејзиниот живот додека живееше во земјена колиба без струја и вода во светиниколското село Бекирлија.
Сега, тоа е првиот филм во нашата историја кој добил номинации за Оскар во две категории – најдобар документарец и најдобар странски филм, а животот на Атиџе се промени на подобро.