МРТ одлучи – Андреа утре ќе настапи на Евровизија

Андреа Коевска утре ќе зачекори на големата евровизиска сцена. По неколкудневно размислување, јавниот сервис одлучи пејачката и делегацијата да останат во Торино и да ја претставуваат земјава, и покрај скандалот со фрлањето на знамето.

Раководството на МРТ проценило дека евентуална одлука за повлекување би нанела дополнителна штета.. По завршувањето на манифестацијата, членовите на делегацијата ќе поднесат извештај, па согласно тоа ќе се одлучело кои решенија и дисциплински мерки ќе се преземат.

Таквиот чекор во момент кога сите рокови за повлекување се поминати би предизвикал голема финансиска штета и други санкции кои што не се за занемарување. Имено, со откажувањето би се загрозило и учеството и отстапувањето на телевизиските права на сите други настани кои што Јавниот сервис ги добива како членка на Европската радиодифузна мрежа.

Соња Алексовска Неделковска, новинар и долгогодишен евровизиски експерт вели, потегот на Андреа не за оправдување и во првиот миг предизвика лавина реакции, но сепак верува дека пејачката тоа не го прави намерно. Осудата на потегот од страна на јавниот сервис е во ред, но Андреа треба да остане и да си пее, па се надева дека пејачката ќе собере сила и енергија достоинствено да застане на сцената.

На снимката се гледа дека тоа не го прави намерно, дека девојчето е понесено од еуфоријата, дека воопшто нема задна намера да го сквернави нашето македонско знаме. Едноставно таа реакција беше од практична причина. Да, може да се осуди и да негодуваме, меѓутоа овој скандал што се прави, овие навреди на социјалните мрежи до едно 22 годишно девојче, неискусно, навистина не се долични.

Кон евровизиските изведувачи се вперени милиони очи, па оттаму произлегува и големиот притисок да се претстави земјата во најдобро можно светло, вели претставникот од 2010 година, Ѓоко Танески.

Покрај Андреа, сличен потег направи и францускиот претставник кога беше застанат да се фотографира, но како што велат евровизиските експерти, не очекуваат Франција да предизвика бура поради тоа.

Инаку, поради негативниопт имиџ во јавноста на проектот „Евровизија“, што предизвикува негативен публицитет на МРТ, уредничкиот колегиум на јавниот сервис ја разгледувал можноста од следна година МРТ веќе да не учествува на изборот за песна на Евровизија, стои во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e