Богатата претставничка на империјата за накит „Тифани“ во Турција паднала од брод за крстарење и починала, пишува Дејли мејл. На 26 октомври Дилек Ертек (71) паднала од од бродот во морето кај брегот на Тахити.
Турскиот весник „Сабах“ објави дека нејзиното семејство повикало полиција за да ја истражи улогата на нејзиниот партнер, швајцарски државјанин, кој бил на крстарењето со неа.
Нејзиниот син Гокче Атук изјавил дека од сефот во кабината на неговата мајка исчезнал и вреден накит.
Иако прегледот на надзорните камери утврдил дека Ертек паднала во морето околу три часот наутро, нејзиниот неименуван љубовник ја пријавил како исчезната само 20 часа подоцна.
Експертите се збунети како жена која е висока само 157 сантиметри и која никогаш не пиела алкохол, паднала преку оградата од својата кабина висока повеќе од еден метар.
Нејзиниот 74-годишен партнер веднаш бил обезбеден во посебна кабина додека бродот не се закотви на Тахити три дена подоцна. Поради недостиг на докази полицијата го ослободила и тој се вратил во Швајцарија.
Потрагата по телото на г-ѓа Ертек е прекината.
По прегледувањето на снимките од надзорните камери, било утврдено дека едно лице навистина паднало од бродот во тој момент, јавуваат турските медиуми.
Тие исто така известија дека има проблеми со истрагата за овој инцидент и дека кабината на г-ѓа Ертек не била соодветно прегледана.
Првата продавница на „Тифани“ Ертек ја отворила кон крајот на 1995 година во Истанбул. Таа беше дистрибутер на „Tiffany & Co.“ за Турција повеќе од 20 години.