35-годишната Лејди Гага не била отсекогаш ценета поради својата ексцентричност и уникатност.
Според зборовите на мајката на славната поп пејачка, депресијата и анксиозноста во текот на растењето биле дел од нејзиното секојдневие, бидејќи врсниците во текот на тинејџерските денови ја злоставувале токму поради тоа што била поинаква, пишува „Daily Mail“.
Мајката на Лејди Гага, Синтија Германота, истакнала дека нејзината ќерка преживеала многу тежок период на растење кога била угнетувана од страна на своите врсници поради својата уникатност.
„Мојата најстара ќерка Стефани во младоста започна да се бори со проблеми со менталното здравје, вклучувајќи депресија и анксиозност. Тие проблеми беа резултат на нељубезноста и малтретирањето од страна на нејзините врсници со кои се соочуваше поради својата единственост. Колку и да беше овој период болен за неа, секогаш беше отворена и искрена околу своите искуства.
Кога на почетокот на кариерата започна храбро да ги споделува своите приказни на сцената, се поврза со млади обожаватели кои ги доживувале истите работи како и таа. Овие разговори нè поттикнаа да ја основаме фондацијата ‘Born This Way’“, раскажала таа.
„Секој ден во фондацијата работиме на поддршка на менталното здравје на младите луѓе за да создадеме пољубезен и похрабар свет. Низ нашите истражувања и разговори со младите, дознавме дека постои нераскинлива врска помеѓу љубезноста и менталното здравје. Претходно оваа година спроведовме истражување на повеќе од 2000 лица на возраст од 13 до 24 години, кое откри неоспорни начини на кои љубезноста придонесува во многу аспекти на менталното здравје, од помагање на младите да се чувствуваат сигурно, самоуверено и помалку осамено до спречување на случаи на самоубиство“, вели Синтија.