Тринаесеткратната добитничка на Греми, Лејди Гага, сподели со своите обожаватели дека ќе можеме да го чуеме нејзиниот глас во „Top Gun: Maverick“, продолжение на култниот филм од 1986 година кое премиерно ќе биде прикажано за помалку од еден месец во Кан.
Пејачката од почетокот на оваа недела споделуваше мистериозни објави со кои на своите фанови им даде до знаење дека им подготвува нешто големо, а подоцна откри дека станува збор за песна која ќе се најде на саундтракот на легендарниот филм, чиј назив е „Hold My Hand“.
„Кога ја напишав оваа песна за „Top Gun:Maverick“, не ни сфаќав колку слоеви се простираат низ срцето на филмот, мојата сопствена психа и природата на светот во кој живееме. Работев на неа со години, усовршувајќи ја, обидувајќи се да ја направам наша. Сакав од музиката да направам песна во која ја делиме нашата длабока потреба да бидеме сфатени и да се обидеме да се сфатиме едни со други – копнежот да бидеме блиски кога се чувствуваме толку далечни и способноста да ги славиме хероите на животот“, напишала Гага на својот Инстаграм профил.
Пејачката им се заблагодарила на оние кои ѝ помогнале во реализација на овој проект, а песната ја нарекла „љубовно писмо до светот за време на овие тешки времиња“.
„Hold My Hand“ ќе биде премиерно претставена на 3-ти мај, додека филмот во кино-салите ќе пристигне на 27-ми мај.