Идниот сопственик на Твитер, Илон Маск, на социјалните мрежи зборуваше со загрижувачки тон. Познат по тоа што предизвикува бура со своите твитови, тој денеска предизвика уште една по твитот во кој зборува за својата смрт „под мистериозни околности“.
„ Ако умрам под мистериозни околности, беше добро што ве познавав“, напиша тој на Твитер, нешто повеќе од една недела откако го објави купувањето на Твитер.
Милијардерот ја сподели и причината за овој твит: порака што директорот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин, наводно, ја испратил до руските медиуми. Имено, Рогозин го нападнал Маск и му упатил скриена закана, наведувајќи дека милијардерот им обезбедил на Украинците опрема за комуникација.
Рогозин рече дека заробениот полковник на украинските маринци Дмитриј Кормјанков изјавил дека украинските војници во Мариупол добивале средства за комуникација преку Маск.
„ Интернет терминалите „Старлинк“ на Илона Маск им беа доставени на милитантите на нацистичкиот баталјон Азов и на украинските маринци во Мариупол со воени хеликоптери. Според нашите информации, испораката на опремата „Старлинк“ ја организирал Пентагон“, наводно напишал шефот на Роскосмос.