22-годишниот хакер Адриан Квиатковски е осуден на 18 месеци затвор, откако украл необјавени песни на низа познати изведувачи и од истите заработил повеќе од 131.000 фунти.
Младиот хакер илегално им пристапил на податоците на музичарите и нивните продуценти кои биле зачувани на „cloud“ и ги копирал недовршените песни. Полицијата пронашла вкупно 1.263 аудио датотеки на низа познати изведувачи, вклучувајќи ги Ед Ширан, Канје Вест и раперот Лил Узи Верт, и тврди дека на нив заработил 131.000 фунти.
Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен отпочнала истрага во 2019 година по бројни поплаки од музичарите. Известиле дека лицето под псевдонимот „Spirdark“ добило пристап до низа профили и ја продавало содржината која била зачувана на нив. Кратко потоа властите успеале да ја поврзат адресата на електронската пошта на Квиатковски со сметката за криптовалути на „Spirdark“.
Квиатковски бил уапсен, а полицијата запленила седум уреди, вклучувајќи хард диск кој содржел 1.263 необјавени песни на 89 изведувачи. Му заплениле биткоини во вредност од 64.000 фунти, а на банкарската сметка уште 67.275 фунти кои дошле од криптовалути.
„Не само што нанел значајна штета на неколку уметници и нивните продукциски куќи, туку и ги лишил од можноста да ги објават своите дела. Квиатковски сега ќе се соочи со последиците од своите постапки и се надевам дека овој резултат ќе ги натера неговите купувачи да се воздржат од купување на нелегална содржина“, изјавил дектективот на единицата за сајбер криминал.