Сè е спремно за денешното отворање на Егзит фестивалот, а поради добропознати причини, процедурите за влез ќе бидат поинакви и подолги.
Егзит оваа година го намали капацитетот, па така наместо досегашните 40, ќе бидат поставени 20 бини. Без оглед на тоа, организаторите на фестивалот очекуваат до 40.000 посетители за една вечер и најдобрата забава досега.
20-от по ред Егзит го става фокусот и на грижата за менталното здравје. Под слоганот „Го славиме животот“, психолошкиот центар „Срце“ ќе им пружи поддршка на сите кои ќе присуствуваат на фестивалот.
На првата вечер, публиката најмногу го чека настапот на Диџеј Снејк на главната бина, кој започнува во 1 часот по полноќ. Пред него настапуваат Сенида (21 часот), потоа Буч Кесиди (22 часот) па Хладно пиво во 23:15 часот, а по нив со огномет официјално ќе биде отворено овогодишното издание на фестивалот.
На Денс арената, Шарлот де Вит ќе започне да пушта музика од 2 часот по полноќ, а Амели Ленс од 4 часот наутро. На „Фјужн“ бината по полноќ се Марко Луис, Хелем Нејсе, Сајси Емси, па Војко В.
Белгиската продуцентка и диџеј Шарлот де Вит го потврди својот настап на отворањето на фестивалот, каде на Денс арената ќе ја замени Нина Кравиц, која од здравствени причини мораше да го откаже својот настап, соопштуваат организаторите.
Покрај неа, на Петроварадинската тврдина пристигнуваат и британското д’н’б дуо Ковен, засилувајќи ја моќната постава за големата прослава на 20-годишнината од Егзит која ја сочинуваат светски и регионални имиња како Дејвид Гета, Снејк, Амели Ленс и многу други.