Со песната „Милион денови“ од „ДНК“, Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на Андреј од „ДНК“, се сети на својот сакан, кој пред една година загина во трагичниот пожар во Кочани.
„Најдолгата година“, напиша таа на својата инстаграм-приказна и сподели заедничка слика со Андреј, заедно со стиховите од песната: „Милион денови јас би заменил за една ноќ со тебе, милион животи јас би ги заменил за еден цел со тебе“.
Наталија пред две недели раскажа искрена приказна за својот сопруг и рече дека бил човек кој сакал силно, без задршка.
Таа беше гостинка на хуманитарниот концерт со песни на групата „ДНК“ во Дизелдорф, Германија, посветен на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На концертот, во чест на „ДНК“, нивни песни пееја Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, Елена Андоновска, Тина Русева и Сања Лефкова.
„Навистина не знам дали човек некогаш може да се подготви за вакви настани, вакви тешки моменти, но фактот што ја организиравте оваа вечер и што сите сме тука, што сте дошле, значи дека сѐ уште ја негуваме македонската музика. Верувајте дека немам зборови со кои можам да ја искажам мојата благодарност“, рече Наталија во видеото што го објави инстаграм-страницата „Македонско сонце – Дизелдорф“.
„Она што нѐ поврзува вечерва не е само музиката на ‘ДНК’, туку и нашата култура. Сите го знаат Андреј на сцена, но јас го знаев откако ќе се симнеше од неа. Тој беше човек што сакаше силно, без задршка. Човек кој веруваше дека љубовта се покажува со дела. Беше хуман без да зборува за тоа и искрено се грижеше за сите околу него“, рече сопругата на Андреј.
