Зијадин Села ја заложил куќата како гаранција за Алими: Од 27 Април, Алими е мој личен пријател

Зијадин Села ја понудил својата куќа како залог за да се ослободи од притвор Абдулфета Алими. Собранискиот обезбедувач кој се наоѓа во притворското одделение во Шутка заедно со останатите обвинети за крвавиот упад во Собранието е едно од лицата кои го спасиле Зијадин Села. Лидерот на Алијансата на Албанците заложил куќа од речиси 400 метри квадратни во селото Ливада бидејќи семејната куќа на Алими во Липково не била доволна гаранција.

Семејството на притворениот собраниски обезбедувач јавно се заблагодари на Села. Од Кривичниот суд потврдија дека е понудена гаранција, но велат дека предметот е даден на мислење во обвинителство, a јавноста ќе биде известена кога ќе има одлука од кривичниот совет. Зијадин Села за 1Тв ја потврди информацијата и рече дека ја заложил куќата бидејќи Алими му го спасил животот.

„Редно е да дадам гаранција за човек кој беше со мене на 27 Априли кој е заслужен што денеска јас сум жив. Имаме ние некои обичаи како Албанци, куќата е на господ и на пријателите. Од 27 Април, Алими е личен мој пријател. Ова е политички монтиран процес за да политички јас бидам обвинуван зошто не му помагам на Абдулфета Алими. Тука најголема улога имаат бившите партнери на ВМРО ДПМНЕ, пријателите на Митко Чавков кои го монтираа 27 април“ – вели Зијадин Села за 1Тв.

Во партијата на Села има дополнителна разочараност поради ослободувањето на Митко Чавков, кој според нив, но и според обвинението е одговорен за крвавите настани. Лидерот на Алијансата смета и дека поранешниот коалиционен партнер на ВМРО ДПМНЕ не треба да се иззема од одговорност. За притворот на Алими вели дека е политичка хајка.

„Заедно со Митко Чавков треба да лежат и да бидат дел од прогонувањата сите, без разлика на која политичка провиненца припаѓаат. Сите кои имаа право на наредба, било тоа златна, сребрена и не знам како ги квалификуваат, треба да одговараат за крвавиот настан. Правдата е правда кога е целосна, не кога е половична. Нормално, повеќе од се треба да продолжи истрагата за да се најдат и нарачателите кои беа за крвавиот настан. А тоа не може да се случи ако се затвораат луѓе и се покреваат обвиненија според политичката припадност. Кадарот на ВМРО ДПМНЕ Митко Чавков беше во притвор, а од друга страна знаеме дека режимот се состоеше од две компоненти: ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.

Ако Чавков бил директор имал заменик директор кој исто така имал право на наредба. Не треба да се штитат кадрите на ДУИ поставениво тие институции кои и ден денеска немаат никаква одговорност, туку напротив добиваат заслуга за тоа што се случи на 27 Април. Тие требаше да го спречат тоа што се случи“ – вели Лидерот на Алијансата во телефонска изјава за нашата телевизија.

Абдулфета Адеми беше сведок во случајот за обид за убиство на Села предложен од јавното обвинителство. Тој во судница сведочеше за крвавите настани од 27 април и раскажа како успеале да го спасат лидерот на Алијансата од бесната толпа која повикувала на убиство. Алими раскажуваше како насилниците кои сакале да го убијат Села отстапиле откако тој им кажал дека Села е мртов. Потоа го однел во една од канцелариите на горниот кат, а од законодавниот дом успеал да го извлече по неколку часа, дури откако пристигнале полицајците. Зијадин Села бил изваден од Собранието маскиран во полицаец и бил пренесен на клиника со оклопно возило. Судскиот процес за обид за убиство на пратеникот се уште трае, а на обвинителна клупа се седнати 10 обвинети лица. Обвинетите се изјаснија за невини, иако дел од нив јасно се гледаат на снимките како го газат пратеникот. Последното рочиште за овој случај беше пред точно една недела, а на него не се појавија премиерот Зоран Заев и пратеникот Влатко Ѓорчев кој беа повикани како сведоци.

Извор: 1ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e