Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери, во вечерашното гостување во емисијата “Топ тема” на Телма телевизија изјави дека бројот на здравствени работници заболени од Ковид-19 не отстапува од светскиот просек.
“Во нашиот центар досега нема дијагностицирани со Ковид-19. Вкупната бројка на ниво на држава е 122 случаи на здравствени работници дијагностицирани со Ковид-19. Кај нас има случаи кога здравствените лица биле инфицирани надвор од здравствената установа. Сепак, нашите здравствени работници се обучени за вакви епидемии. Но, сакам да укажам на некои факти за споредба на нашата бројка на заразени здравствени работници со тој процент во други земји, како на пример Италија или Шпанија. Ние се движиме тука со бројките. 122 случаи се околу 10% од вкупната бројка на заболени лица, Шпанија за споредба има 14%. Кога работиш со таква структура на луѓе и пациенти коишто реално се позитивни на Ковид-19, може да се случи некој здравствен работник да се зарази несакајќи. Секаде каде имаше време се изврши едукација, но сите знаеме дека оваа пандемија дојде многу брзо. Првиот случај го имавме пред само еден месец, а сега веќе имаме 1000 случаи” – додаде Зибери.