Жртви на сексуално насилство ги споделуваат своите приказни преку социјалните мрежи

Обелоденувањето на секс-скандалите во изминатиов период е сè поинтензивно и многу повеќе личности решаваат своите приказни да ги споделат со јавноста, наместо истите да ги чуваат во себе.

Страв дека ќе се повтори, страв од осудуваност, но и страв од обвинување и префрлање вина на жртвата се едни од најнаведуваните причини во приказните на жртвите кои денеска ги споделија на социјалните мрежи под хаштаговите #СегаКажувам, односно #TaniTregoj (ФејсбукТвитер).

Иако може да се забележат и објави на корисници кои овој хаштаг го сфатиле како шега и споделуваат досетки, идејата зад истиот е јавно да се обелоденат траумите кои голем број личности ги имале за време на школувањето, студирањето, работното место или во семејството.

„Целта на оваа иницијатива е да го скршиме молкот со кој се најчесто обвиткани искуствата на сексуално вознемирување кои ги доживуваат многу жени. Наша идеја не е да покажеме кои се насилници во Македонија, туку колку е нормализирано и распространето сексуалното вознемирување. Живееме во култура која го оправдува, крие и нормализира овој вид на насилство и вознемирување, па затоа првиот чекор кон решавање на овој проблем е да се прозбори јавно“, вели Ирена Цветковиќ, директорка на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Од исповедите што се споделени на социјалните мрежи, најчести жртви на сексуално насилство се жените, но има и голем број мажи кои биле жртви само поради позицијата на моќ на некои над нив, без разлика дали „предаторот“ е маж или жена. Насилници има насекаде, на работното место, на факултетите, меѓу луѓето со кои контактираме секојдневно, пријатели… Дел од жртвите биле премлади за да сфатат што всушност им се случува.

Според Цветковиќ, решението не секогаш е судска разрешница на ваквите случаи, а за да се смени сето тоа, мора да се направат сериозни измени во релациите на моќ и авторитет кон „послабите“, но и со вложување во образованието, културата и во медиумите.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e