На традиционалниот фестивал “One Love Tour”, кој се одржа денеска на 15 август 2019 година во Струмица, присуствуваа заменик министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија г-дин Андреј Жерновски, а во име на Република Бугарија, заменикот премиер и министер за надворешни работи г-ѓа Екатерина Захариева.
Фестивалот „One Love Tour”, на кој заднички настапуваат македонски и бугарски музички ѕвезди, се одржува трета година по ред. На настанот што е поддржан од УНЕСКО беа преставени и традициите на двете земји како разновидност на македонското и бугарското културно наследство.
За време на посетата на Жерновски на Струмица, заедно со Захариева и градоначалникот на Струмица Коста Јаневски, се отвори мултифункционалниот социјален центар, кој е реконструиран и опремен со бугарска донација од 270.000 лева. Мултифункционалниот социјален центар ќе им служи на сите ранливи групи граѓани, како и за програмски активности и проекти за побрза и полесна интеграција во општеството и социјално вклучување на целните групи.
Со ваквите проекти се потврдува дека на негувањето на добрососедските односи со Република Бугарија, како и на интензивирањето на долгогодишната соработка во сите области, се посветува посебен интерес. “Посакувам оваа наша соработка да продолжи во овој правец и да поттикне нов дух во регионот. Докажавме една нова реалност на Балканот, дека две соседни земји ги надминаа минатите делби и создадоа меѓусебни односи на блиски пријатели”, изјави Жерновски.
Во врска со Ко-претседавањето со Берлински процес, беше заклучено дека истото претставува одлична можност за понатамошно зајакнување на добрососедските односи и за зајакната улога на нашите две земји во регионалните прашања. Исклучително важно ќе биде да се успее во јасно дефинирање на приоритетите и идентификување уште во рана фаза кои може да се конкретни резултати од претседавањето, заклучија Захариева и Жерновски разговарајќи на оваа тема.