Жерновски за ТВ 21: Груевски ќе биде казнет по низа основи

Андреј Жерновски се откажа од трката за градоначалник на општина Центар и местото му го препушти на младиот Саша Богдановиќ. Иако во моментов нема политичка функција тој вели дека со неговото искуство може да помогне во локалната самоуправа, но не ја исклучува можноста во иднина повторно да се кандидира за градоначалник на оваа општина. За судскиот процес „Насилство во општина Центар“, Жерновски вели дека поранешниот премиер ќе биде казнет по низа основи.

„Јас сум убеден дека поранешниот премиер Никола Груевски ќе биде казнет по низа основи, ова е доста чист, од аспект на тоа знаеме кој е организатор, кој го нарача насилството, очекувам бргу да заврши во однос на другите предмети. Не е тајна дека ова беше прв предмет во кој т.н бомби беа прифатени како законски или легален документ во целата постапка, така што мислам дека ќе биде една од првите каде ќе има пресуда за него и за екипата која го организираше ова“, изјави Жерновски.

За обидите да ја сруши терасата на најбогатата партија во Европа, ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот градоначалник вели дека не било возможно бидејќи наидувале на проблеми од страна на институциите кои биле под контрола на тогашната власт, но додава, дека сега нема правна пречка тоа да не се случи.

„Рушењето на терасата зависеше од град Скопје, бидејќи град Скопје донесе одлука тој дел да си го прогласи за плоштад кој што е под ингеренции на град Скопје. Ја обжаливме таа одлука оди во второстепената комисија при матичното министерство и ја одбија таа наша жалба. И сега бидејќи и министерството и град Скопје и општината се на иста страна не гледам пречка тоа да се случи“, вели Жерновски.

И за дислоцирањето на спомениците Жерновски вели дека не случајно се поставени во делови кои се под ингеренции на град Скопје, а не на општината и поради тоа не можел да дејствува, но додава дека сега на иста страна се и централна власт, министерството, град Скопје и општина и единствено што треба да се направи, е стратегија, но не од политички причини, туку од естетски, бидејќи според него, изгледот на централното подрачје е доста грд.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e