Згаснуваат ли ТВ Алфа и Сител 3? АВМУ започнала постапка за одземање на дозволите за работа

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на утрешната седница ќе почне постапка за одземање на дозволата за работа на телевизијата Алфа, потврдија за БИРН  од Агенцијата. Телевизијата за дозвола за работа треба да плати 3,5 милиони денари, а уплатила помалку од третина од сумата, односно 1 милион денари.

На истата седница ќе се почне постапката и за одземање на дозволите на ТВ Сонце, Радио Слободна Македонија и Сител 3, кои немаат платено за годишните дозволи за радиодифузна дејност. Откако ќе се почне постапката, радијата и телевизиите кои немаат платено, добиваат рок од 15 дена, а доколку не платат во тој рок, им се одзема дозволата за работа.

„Согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Советот е должен да почне постапка за одземање на дозволата на секој радиодифузер кој нема да ја плати фактурата за радиско или телевизиско емитување во рок од 30 дена од денот на добивање на фактурата. Откако ќе се почне постапката, на радиодифузерите им се дава рок од 15 дена да ги подмират обврските“, вели директорот на АВМУ Зоран Трајчевски.

За евентуалното одземање на дозвола за работа одлучува Советот на агенцијата.

Директорот на телевизија Алфа Љубомир Николовски за БИРН изјави дека поднеле барање до АВМУ за да ја уплатуваат сумата на рати, но биле одбиени.

„Дел од парите уплативме, а за дел побаравме од Агенцијата да плаќаме на рати, поради незавидната финансиска ситуација во која се наоѓаме, но ете, нè одбија. Не ми е јасно зошто, кога тие пари ќе им се слеваа во текот на 2018 година, за кога и се однесува дозволата. Сега ќе гледаме да направиме сè што можеме за да платиме“, изјави Николовски додавајќи дека финансиското работење на телевизијата е оптоварено со многу давачки и стари долгови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e