Земјоделците му порачаа на министерот Цветков да не доаѓа во Кочани поради проблемите со откупот и ниските цени

Жетвата на оризот во Кочанско е започната, но земјоделците наместо да жнеат, замислено стојат покрај нивите оти заглавија во долгови уште со минатогодишната реколта.
Од Здружението на оризопроизводители “Бело злато“, велат дека проблемите со откупот и ниските цени за килограм арпа ги довеле до питачки стап. Ветувањата од ресорното министерство дека ќе помогне во средувањето на хаосот станале манипулации и лаги, а откупните цени се симнале на најниско ниво.
-Откако ветија цена 25 со 50 манипулираат до ден денес со оризопроизводителите. Дури уште и покатастрофална е ситуацијата, на терен слушаме не е таа цена што ја ветија, не е ни 20, ниту 15, туку слушам дека луѓето се молат за 8 или 9 денари за откуп на оризова арпа, рече Јорадн Манасиев, претседател на здружението “Бело злато“.
Поради големите ветувања што не се исполниле, земјоделците му порачаа на  министерот Цветков дека не е добредојден во Кочани.
-Министерот го повикуваме на Деновите на кочанскиот ориз да не присуствува бидејќи од него се трпат големи штети во оризопроизводството, рече Зоран Борисов, потпретседател на здружението “Бело злато“.
На земјоделците им било ветувано дека ќе има долна граница под која не смее да се откупува килограм арпа, а сега немаат пари да го платат ниту жнеењето на овогодишната реколта.
-Немаат пари да ги соберат површините, до таму е стасан земјоделецот кој произведува храна, за луѓето односно граѓаните на Република Македонија. Министетор нека стави прст на глава и нека мисли што понатаму, рече Тошо Стоилов, земјоделец од Чешиново.
Произодителите на ориз најавуваат дека незадоволството од откупните цени повторно ќе доведе до протести и блокирање на патиштата.
– Ние радикално ќе излеземе на улица. Нема зошто да се шуткаме, од Крупиште до Виница, ќе излезем сите земјоделци па дали ќе биде или не, ќе се види тогаш, рече Драган Трифунов, земјоделец од Чифлик
За в понеделник е закажана средба во Министерството за земјоделство меѓу министерот и оризопроизводителите, за која земјоделците велат дека е последна надеж да се преземат мерки за подобрување на катастрофалната состојба со откупните цени.

Извор: 24 Вести

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e