На денешното рочиште за случајот “Трезор” кој го води Судијката Џенета Бектовиќ, сите странки на време беа пристигнати, освен обвинетиот Небојша Стајковиќ кој пристигна во судницата со задоцнување од 20 минути. – информираат од Здружение за истражување,анализи и Развој Зелена Лупа Скопје.
-Обвинетиот Сашо Мијалков беше на време спроведен од Затвор Скопје до кривичниот суд, како и обвинетиот Тони Јакимовски кој беше спроведен од Затвор Куманово.
Тие се товарат за Злоупотреба на службената положба и овластувања со што го оштетиле Буџетот за 862.000 евра, за набавка на опрема за потребите на УБК.
На денешното рочиште се продолжи со доказната постапка, беа сослушани двајца сведоци предложени од обвинителството.
Првиот сведок беше Ѓоко Поповски кој беше спроведен од Затвор Идризово до кривичниот суд.
Од одбраната единствено обвинетиот Тони Јакимовски вкрстено го испитуваше овој сведок.
Прашањата се однесуваа за документацијата која ја добивал сведокот Поповски а се однесува за јавната набавка каде што свој потпис има обвинетиот Јакимовски но како Началник на оддел за координација и поддршка а не како што сведокот изјавил во минатото рочиште “Шеф на кабинет”.
Сведокот изјави дека одлуката за утврдување на потребите за набавките на УБК ги носела токму тогашното раководство на УБК, тогашниот директор Сашо Мијалков и началниците Горан Грујовски, Горан Николовски и Тони Јакимовски.
Додека траеше рочиштето и сведокот даваше одговори на прашањата од обвинителството и одбраната, обвинетиот Сашо Мијалков беше во постојана гласна комуникација со своите адвокати Петар Василев и Љупчо Шврговски и неколку пати дофрлаше зборови ГЛАСНО во одговорите на овој сведок. – соопштуваат од Зелена лупа по спроведениот мониторинг.
За ова негово однесување во судницата ВООПШТО не беше опоменат од Судијката Џенета Бектовиќ, бидејќи тој како обвинет може да приговара, но не и да дофрла зборови во изјавата на сведокот.
На барање на одбраната беше дадена пауза од 10 минути, а како и обично траеше подолго 25 минути.
Вториот сведок беше Николче Пауноски, вработен во УБК.
Обвинителството директно го испитуваше овој сведок, а одбраната се откажа од вкрстено испитување на истиот.
Тој бил еден од вкупно четворицата вработени кои биле испратени на обука во Германија, во компанијата “Гама” која ги обучувала за опремата која требало да биде набавена.
По завршените обуки во Германија им биле издадени сертификати кои воопшто не ги искористиле за таа намена.
Како што изјави сведокот, тие биле пратени за обука за опрема која воопшто не ја ни виделе, а други луѓе би работеле со истата таа опрема.
Сведокот се сеќава дека вкупно 3 пати патувале до Германија на тие обуки, еднаш авионски два пати со комбе.
Службено биле испратени од страна на началникот Горан Грујовски, но не му било познато кој го плаќа сето тоа, тие добиле само дневници и надомест за патување во странство.
Од мониторингот на Зелена Лупа може да потврдиме дека на сите паузи за било кој предмет, обвинетите кои се спроведени од притвор, редовно им се доставува храна и пијалоци како од затворската полиција така и од нивните адвокати.
Следното рочиште е закажано за 16.04.2019 во 12 часот, на кое треба да бидат сослушани сведоците Александра Николовска и Горан Коцев вработени во УБК.
