Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, денеска добил решение за нови 30 дена притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, потврди за „Фокус“ неговиот адвокат Александар Трајковски.
Одлуката следува по истекот на првиот месец откако му е одредена мерката. Адвокатот Трајковски вели дека како гаранција за укинување на притворот, Зеќири понудил недвижен имот, но гаранцијата била одбиена од Кривичниот суд.
Зеќири негираше вина во предметот во кој се гони за злопупотреба на службената положба – дека без процедура за јавна набавка склучил договор за консултантски услуги со фирма од Хрватска, со што според Обвинителството, го оштетил буџетот за нешто помалку од милион евра.
Освен Зеќири, осомничени во случајот се и двајца хрватски државјани, кои се недостапни за органите на прогонот и по нив е распишана локална и меѓународна потерница.
На Зеќири првата мерка притвор од 30 дена му беше изречена на 9 април. За ова одлука следеше жалба, но таа беше одбиена.
Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма којшто договор бил во вкупна вредност од околу 941 985 евра што е за околу 147 000 евра повеќе од 795 000 евра, износ што бил договорен за консултантските услуги.