Поради три причини премиерот Зоран Заев е оптимист за исчекор во евроинтеграциите на земјава и свикување на првата Меѓувладина конференција во декември. Во интервју на ТВ Шења тој кажа дека од преговарачките групи на ниво на Министерството за надворешни работи пристигнуваат позитивни сигнали, а втората причина е што политичарите се секогаш поодговорни и посериозни после изборите.
-Кај нас ќе завршат изборите, во Бугарија ќе завршат изборите и претседателски не само парламентарни и дај Боже трета среќа да завршат и со формирање политичка Влада. Трета причина е Самитот на Европската унија за Западен Балкан каде учествуваме и гледаме како се креираат наративите на заклучоците коишто испраќат многу сериозна порака за интересот на ЕУ за проширување со земјите од регионот, истакна премиерот.
Се чека на прелом, вели Заев, додавајќи дека со нас чека и Албанија, но, како што истакна, тој е непоправлив оптимист и работи тој оптимизам да се оствари.
-Ние сега сме на меѓучекор, затоа што имаме одлука од лани за почеток на преговорите со консензус на сите 27 земји членки, ама ги немаме отворено поглавјата. Меѓу чекорот е првата Меѓувладина конференција, затоа што после таа прва меѓувладина конференција имаме скрининг на системот и почнуваат поглавјата или по ново кластерите по новата методологија и правиме се штитејќи го комплетно тоа што е должност да се заштити, односно идентитетот кои сме, каков ни е мајчиниот јазик што го зборуваме, кажа Заев.
Сепак, тој повтори и дека не е соодветно цела една нација да се оквалификува како фашистички окупатор.