Се срамам што сум премиер на земја каде што затворите се надвор од сите стандарди на хуманост и социјалниот аспект на животот на лицата кои се осудени и издржуваат казна во казнено-поправниот дом Идризово, порача денеска премиерот Зоран Заев при посетата на затворот по покана на Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.
– Очекувам да се отвори дебата, пред се институциите кои се надлежни и многу често повикани од Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет, како и од многу граѓански организации и активисти. Многу често нашите сограѓани коишто издржуваат казна знаат да испратат апел и порака преку социјалните медиуми испраќајќи слики на нивните услови и токму поради ова денеска сме овде, појасни Заев.
Ако според стандард треба да има 850 затвореници, посочи премиерот Заев, во Исризово има 1.850 затвореници. Едно од решенијата, според Заев, е законот за амнестија, тема која, како што рече, е веќе отворена, неколку невладини организации имаат отворено дебати, а Народниот правобранител и Министерството за правда имаат свои мислења.
Заев изрази увереност дека Владата и Парламентот се подготвени за брзо решавање на лошите и нехумани услови во затворите.
Според Народниот правобранител Иџет Мемети, по 12 години откако омбутсманот реагирал на лошите услови во затворите, сегашната Влада на РМ покажала волја дека ќе се нафати да го реши преоблемот со затворскиот систем. Констатира дека од затворениците се создаваат многу повратници, како и од младите кои првпат доаѓаат во судир со законот по две три години можат да се најдат во Идризово.