„Мој пријателе Јенс, ти ми даваше поддршка кога ми беше најпотребна, за тоа ти благодарам. Направивме историски пробив за само две години. Северна Македонија останува посветена на дијалог со соседите”, изјави премиерот Зоран Заев по состанокот на Северноатланскиот совет на НАТО во Скопје со кој претседаваше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Инаку, премиерот Заев во своето обраќање пред амбасадорите на земјите членки на НАТО, и претставници во Северноатлантскиот Совет, истакна дека одржувањето на овој состанок е посебна чест и привилегија за Северна Македонија, и дека присуството на амбасадорите во Скопје е најсилната политичка потврда за нашето извесно полноправно членство во НАТО.
„Ова е реализација на напорите и стремежите на сите генерации на политичари од различни партии и на сите граѓани од независноста до денес. Ова е резултат на неуморната работа на нашите институции, на професионалците од одбраната и безбедноста, но и од сите други институции во државата. Ова е резултат, не помалку и благодарение на значајниот придонес на невладинитите организации, медиумите, бизнис заедницата и на секој еден поединец кој се надевал, верувал и се борел за нашата држава еден ден да го заземе своето заслужено место во Евро-Атлантското семејство на народи“, нагласи премиерот Заев во своето обраќање на состанокот на Северноатлантскиот совет и на Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.