Заев по повод јубилејот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“: УКИМ ја препозна својата мисија и обврска да постигне европските норми и стандарди

Премиерот Зоран Заев вчеравечер се обрати на свечената академија по повод 70 годишнината од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, која се одржа во Национална Филхармонија, и со која отпочнаа активностите од програмата по повод јубилејот на универзитетот и по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, и Ден на просветните работници.

На свеченоста присуствуваа членовите на ректорската управа на УКИМ, членови на Сенатот на Универзитетот, поранешни ректори, членови на Академијата на науките и уметностите на Северна Македонија, професори, студенти и други гости членови на академската заедница на нашата земја од странство.

„ Денес, во аулите и лабораториите на Универзитетот се образуваат и усовршуваат нашите идни истакнати членови на општествената заедница. Тие ќе ги испишат страниците на иднината на нашата земја, како што нивните претходници ги испишаа страниците на значајното минато и на Универзитетот и на нашата земја. Историјата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е и историја на нашата земја. Во изминатите 70 години првиот државен универзитет во нашата земја ја исполнуваше својата мисија и со тоа ја исполнуваше визијата на нашата држава: Да создаде институции како составни атрибути на стекнатиот вековен сон – државноста.“ – рече Заев во своето обраќање.

Државотворна е и мисијата на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” да биде посветен на негувањето и на интернационалната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ, македонскиот јазик, историјата, литературата и културата и, како и да ги негува и афирмира и културните вредности на сите други етнички заедници во Република Северна Македонија. – порача тој.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е првиот државен универзитет во Република Северна Македонија, формиран во 1949 година со три факултети. Денес, тој претставува заедница на 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации.

На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје постојат студиски програми во сите научни области – природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравствoто, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и во уметностите. Истражувачката работа, освен на факултетите, се одвива и на научните институти во состав на Универзитетот.

Сликата на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, јасно е претставена и низ следните бројки: Во наставно-образовниот процес на сите факултети се вклучени повеќе од 60.000 студенти од Република Северна Македонија во прв и втор циклус на студии, како и повеќе од 700 странски студенти. Третиот циклус – докторски студии се реализира во рамките на Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со повеќе од 1000 студенти. Во реализацијата на наставно-образовниот и научниот процес на факултетите и институтите учествуваат над 3.100 наставно-научни и соработнички, како и административни кадри.

Во досегашниот развој на Универзитетот се создадени околу 150.000 високостручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области.

На овој Универзитет се напојувале со знаење и со академски и научни вештини нашите членови на академската и научната јавност, членови на Академијата на науките и уметностите, професорите и наставниците во образованиот систем, научниците што сега се членови на врвни научно-истражувачки институти во светот, нашите досегашни претседатели на државата, премиери, министри во владите.

 

Во духот на најдобрите традиции на универзитетите како автономни врутоци на знаењето, науката и образованието, нашиот прв државен универзитет ги отвори академските перспективи за сите студенти врз основа на еднаквост и резултати, без разлика на нивното идеолошко, политичко, етничко, културно и социјално потекло.

Роден на темелите на кои се создаваше и државата, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” ја усогласи својата академска понуда со потребите на своето социјално опкружување и на динамиката на процесите што го определуваа нашето општество и пулсираше заедно во истиот ритам со кој нашата заедница поминуваше низ сите процеси, фази и премрежја на современиот развој.

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, имајќи го предвид своети место во европскиот академски простор, ја препозна својата мисија и во обврската да постигне европските норми и стандарди во сите области на своето дејствување. – порача Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e