Премиерот Зоран Заев попладнево побара од пратенциите да се изјаснат за доверба на Владата. Заев кажа дека според Уставот и собранискиот деловник, премиерот има право усно да побара гласање доверба на Владата.
„Денеска одлучив да излезам пред вас и да се повикам на член 93, став 1 од Уставот кој што вели Владата има право да постави прашање за доверба во Собранието, како и да се повикам на член 217, став 2 од Деловникот за работа на Собранието кој што вели по предлог, во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува претседателот на Владата усно на седница на Собранието, Собранието гласа за доверба на Владата на истата седница без расправа. Ги користам овие членови од Уставот и Деловникот да побарам пред Вас пратениците, да гласате за доверба на Владата. Да се соочиме и да расчистиме“, порача Зоран Заев пред пратениците.
Тој вели дека ова е момент да се види кој навистина има мнозинство во Законодавниот дом.
„Ова е моментот кога треба да видиме колку може да ѝ се верува на опозицијата која постојано тврди дека ќе ја урне Владата и ќе формира нови мнозинство. Со лажни вести и блокади се создава политичка несигурност. Нема да го дозволам тоа“, посочува Заев.