Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на седницата за пратенички прашања го праша премиерот Зоран Заев дали имал информации дали во истрагата за купувањето на Дијамед од страна на Дијаверум биле вмешани Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и Бајруш Сајдиу.
Премиерот Зоран Заев пак, му посочи на Милошоски дека во последните две години водел дискусии кои фрлаат дамка врз неговата чест и му кажа дека шпекулациите кои ги споменал се недозволиви за искусен политичар.
„Случајот „Рекет 2“. Прашањето е до вас бидејќи кажавте дека сте имале состанок со Дијаверум кои биле во вашиот кабинет и изразиле интерес за купување на фирмата Дијамед која има концесии за дијализа, за што сега има истраги поврзани со министерот за здравство и директорот на ФЗОМ. Дали им организиравте на инвеститорите средба со Ден Дончев и дали сте информирани дека во овој случај, своја улога играле и господинот Бојан Јовановски и господинот Бајруш Сајдиу“, праша Милошоски
Заев додаде дека во дијализата биле вмешани првиот кум на Никола Груевски и Орце Камчев.
„Каков „Рекет 2“? Нормално е кога ќе дојде странски инвеститор да му кажете што се случувало во државата. Јас не сум им закажувал состаноци, сами си закажале состаноци, но ако побарале јас би им закажал, тие дошле со намера да вложат во државата. Истрагите ќе покажат, ние чесно сме постапиле како власт. Стотици милиони евра разлики во цени се извлечени, затоа се што имате како индиции да извадите слободно. Кој се извалкал кршејќи закон, ќе си одговара. Кој направил штета врз државниот буџет, ќе си одговара. Само на тој начин ја даваме пораката, да не се повтори“, рече премиерот Зоран Заев.
Милошоски пак, рече дека неодговарањето дали премиерот имал информации дали Бојан Јовановски и Бајруш Сајдиу рекетирале и во Дијаверум било одговор, како и дека според него, не можело да се прави толкав рекет без помош од власта.