Заев: Нека е честит 23 Мај, Националниот ден на Власите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев упати честитка по повод 23-Мај, Националниот ден на Власите.

Ви ја пренесуваме во целост изјавата:

Во мое лично име и во име на Владата, на сите припадници на влашката заедница им го честитам 23 Мај – Националниот ден на Власите.

Одбележувањето на овој празник е можност да искажеме признание на влашкиот народ на вековниот стремеж за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција.

Со Националниот ден на Власите оддаваме чест на исклучително значајниот придонес на влашката заедница во нашата заедничка историја, во општествениот и културен развој на Република Северна Македонија.

Влашката заедница секогаш била силен и темелен елемент во нашата заедничка борбата за слобода, правда, независност, во сите етапи на македонската државност.

Власите споделувајќи ги овие вредности за вистина и праведност, учествуваа и имаат истакнато место во најважните поглавја на нашата долга и богата историја, во сите премрежија и се нераскинлив дел на нашето вековно заедничко живеење.

Посебно место имаат Власите и во поновата, современа историја на нашата земја. Истакнато место, учество и влијание имаат во стопанството, во финансискиот сектор, во високото образование како универзитетски професори и академици.

Како достојни продолжувачи на делото на вашите славни предци, би сакал да се заблагодарам за вашиот несебичен придонес во градењето на заедништвото и низ толеранција, доверба и почитувањето да ја продолжиме изградбата на „Едно општество за сите“.

Нека е честит 23 Мај, Националниот ден на Власите!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e