Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на свечената академија по повод 12 години од основањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, што се одржа во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Пред своeтo обраќање кон присутните студенти, академици, ректори, проректори, декани, професори од другите приватни и државни универзитети, претставници на државни институции и граѓанскиот сектор, премиерот Заев ги разгледа штандовите на факултетите на УГД Штип, поставени пред Центарот за култура, заедно со ректорот, проф. Д-р Блажо Боев и градоначалникот на Општина Штип, г. Благој Бочварски.
Во своето обраќање, премиерот Заев ги истакна определбата и заложбите на Владата не Република Северна Македонија за јакнење на квалитетот и подобрување на материјалната поддршка на високото образование и науката.
Во продолжение, ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев:
„Посебно е чувството да се биде на ова место и да се прослави денот 27 март, кога во 2007 година е донесена одлуката за основање на државниот Универзитет „Гоце Делчев“.
Од повеќе причини, од кои најважната е дека со оваа свечена академија му оддаваме почит на знаењето што е собрано на овој Универзитет и кое секоја година се пренесува на нова генерација запишани студенти.
