Премиерот Зоран Заев денеска во рамки на посетата на Република Италија и на Светата Столица по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, ќе присуствува на аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
Според агендата, премиерот Заев, кој ја предводи владината делегација во чиј состав се вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, советникот за надворешна политика на премиерот Дане Талески и директорот на Комисија за односи со верски заедници Даријан Сотировски, по средбата со папата треба да оствари средба и со државниот секретар на Светата столица, кардинал Пјетро Паролин.
Претседателот на Владата на Република Македонија, во придружба на сопругата и на владината делегација вчера учествуваше во заедничките активности за чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј, со делегацијата на Република Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов.
Од владината прес-служба соопштија дека двете владини делегации предводени од премиерите Заев и Борисов учествувале на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим.
Извор: 1ТВ