Премиерот Зоран Заев, вечерва писмено побарал до одговорните лица на порталот „Курир“, со барање да биде објавен демант со кој категоричнo се негираат изнесените лажни информации во текстот со наслов „Власта прави жесток притисок врз пратениците и ги уценува со сите можни работи“, и до одговорните лица на порталот „Република“ за текстот “Пратениците стравуваат за личната и безбедноста на нивните семејства – низ собраниските ходници Заев не бира средства за уцена“, исто така целосно исполнет со лаги, соопшти Кабинетот на Заев.
Во демантот на премиерот се истакнува дека, врз основа на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, објавен во Службен весник на РМ, бр. 143 од 14.11.2012 година, и врз основа на Член 6 од истиот Закон кој ја утврдува одговорноста за клевета, се бара повлeкување на текстовите објавени на порталите.
Премиерот Заев за исполнување на правото на демaнт се повикува и на Членот 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во кој во ставот 1 од членот се вели дека „ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување на одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување“.
– Дополнително како текстови на демантот барам да биде објавено ова мое барање во целост, без ниту една уредничка интервенција. Доколку демантот не биде објавен во предвидениот рок, ќе следува Постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штетата, согласно Член 19, Став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, пред надлежниот суд утврден со законот, стои во соопштението.