Заев: Кога е отворена дилема и дебата, власта, премиерот и сите други треба да ја слушаме и опозицијата и телата како што е Антикорупциската комисија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се обрати во Собранието на Република Северна Македонија, во врска со предлозите за разрешување членови на Владата на Република Северна Македонија и избор на членови на Владата на Република Северна Македонија.

Премиерот Заев рече дека врз основа на членот 94 од Уставот на Република Северна Македонија, како претседател на Владата, доставил предлог за разрешување членови на Владата и се заблагодари на Парламентот за прифаќањето на оставките на дел од досегашните министри во Владата, откако пратениците ги прифатија оставките на Љупчо Николовски, од функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, на Садула Дураки, од функцијата министер за животна средина и просторно планирање и на Зоран Шапуриќ, од функцијата министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

– Предлагам пратениците на Собранието да ги разрешат од должноста г-динот Хазби Лика, од функцијата заменик претседател на Владата, задолжен за спроведување Рамковен договор и политички систем, Драган Тевдовски, од функцијата министер за финансии, Сухејл Фазлиу, од функцијата министер за локална самоуправа.

На сите нив и на министрите кои поднесоа оставка и на министрите за кои доставив предлог за разрешување им се заблагодарувам за нивниот придонес во работата на Владата и им посакувам успех на личен и на професионален план. Истовремено им благодарам што им служеа на граѓаните и на државата, рече премиерот Заев во воведот на обраќањето.

Претседателот на Владата, Заев, соопшти дека го повлекува предлогот тој да биде и премиер и министер за финансии и објасни зошто тоа одлучил да го направи.
– Уставот, членот 89, став 5, вели функцијата претседател на Владата и министер е неспоива со вршењето други јавни функции и професии. Уставот дозволува премиерот да биде и министер, Истовремено и Законот за Влада тоа го дозволува. Но дефинитивно, тоа што го истакна и опозицијата и тоа што постапува веќе и Антикорупциската комисија и е на дискусија и дебата во нашето општество, ми дава за право, да му соопштам на Собранието дека дадов налог на Кабинетот, да пушти Предлог за повлекување на мојата кандидатура – Зоран Заев за кандидат за министер за финансии.

Уставот тоа го дозволува, и законот, но кога е отворена дилема и дебата, власта, премиерот и сите други треба да ја слушаме и опозицијата и телата како што е Антикорупциската комисија, којашто не расправала, но испрати сериозна порака преку својата дискусија, истовремено и експерти во јавноста, така што формализацијата на оваа работа, министер за финансии да ја извршува функцијата актуелниот премиер ја тргаме од дневен ред, ја повлекувам и најавувам дека, согласно овластувањата коишто Законот за Влада ги дава, ќе раководам со Министерството за финансии до избор на министер, коешто истовремено со членот 11 од законот, тоа до го овозможува, но секако претставува и почитување на законските прописи во државата, рече премиерот Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e