Заев: Европската иднина на земјата зависи од прашањето за името

Премиерот Зоран Заев рече дека европската иднина на Македонија зависи од решавањето на прашањето за името со Грција. На интервју за бугарската телевизија БТВ, Заев најави дека преговорите ќе продолжат по три месеци, ако сега страните не успеат да постигнат можен договор.

Во меѓувреме, грчкиот премиер Алексис Ципрас истакна дека Грција никогаш не била попосветена од изнаоѓање на финално решение. Но, грчките претставници, од една страна, изразуваат подготвеност да постигнат договор, а од друга, во сите соопштенија до грчките медиуми јасно истакнуваат дека решение нема да има без промена на Уставот на Македонија.

“Грција за прв пат толку решена се обидува да најде заедничко прифатливо решение за прашањето за името, со уверување дека ќе има дефинитивно решение”, изјави Алексис Ципрас, премиер на Грција

Овие коментари Ципрас ги даде на заедничката прес-конференција со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, кој исто така говореше за прашањето на името.

“Не сум компетентен да ви дадам какви било упатства, идеи или насоки во однос на прашањето што во секој момент би требало да го решите помеѓу вас. Но, дозволете ми да ја истакнам итноста која го карактеризира решавањето на проблемот, со оглед на комплицираниот регион“, вели Жан Клод Јункер, претседател на Европската комисија

По синоќешните преговори во Виена меѓу министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас со посредникот Метју Нимиц, не беше објавен конкретен резултат, туку само беше соопштено дека средбите ќе продолжат на 3 и 4 мај во Солун. Во духот на доброто пријателство, градоначалникот на Атина е веќе во посета на Скопје и се очекува утре со својот домаќин Петре Шилегов да потпише договори за соработка меѓу двата главни града.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e