Премиерот Зоран Заев придружуван од заменик на претседателот задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за образование и наука Арбер Адеми и заедно со претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Бенџамин Перкс, учествуваше на настан „Цели за одржлив развој: Јавна расправа – Јасна визија за квалитетно образование“.
„Оваа Влада е посветена на спроведување на реформите во образованието, кои се исклучително важни за обезбедување на квалитетен живот на младите, поттикнување и зголемување на економскиот развој и раст на севкупната наша економија. Во Програмата за работа на Владата, ветивме, дека нема да воведуваме избрзани и нефункционални проекти, туку мерките и реформите во образовниот процес ќе ги носиме преку одржување на јавни дебати со сите засегнати страни.“ – рече Заев пред настанот.
„Ние како Влада, ги почитуваме современите европски практики, според кои основни и најважни столбови на општеството се обезбедувањето на инклузивно, недискриминаторско и квалитетно редовно образование за сите деца без исклучок, првенствено за учениците со посебни потреби и учениците од останатите ранливи категории.
Ќе разговараме денеска за германското искуство, имплементирањето на системот на дуално средно стручно образование, со што се обезбедува практично применливо знаење на учениците и се добива квалификуван и корисен кадар, конкурентен на домашниот пазар и странскиот пазар на трудот.
Преку Министерството за образование и наука ќе продолжиме со јакнење на стручното усовршување на сите наставници и стручните соработници за инклузивно образование.
Правиме сериозни планови, мотивирањето на наставниците за новите обврски во училиштата, да биде поткрепено и со поголеми плати во образованието.
Потребно е да се вклучиме сите, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, директорите, ректорите, деканите, максимално посветено и навремено да работиме на реформите во образовниот процес.“ – порача Заев.
